Во последните 25 години, технологијата доживеа драматични промени – од бавните дајл-ап интернет врски и ДВД-ата што ги испраќаше Нетфликс, до вештачката интелигенција и роботика што денес напредуваат со неверојатна брзина. Затоа, експертите се обидоа да одговорат на прашањето како би изгледала технологијата до 2050 година и како би можела да го промени секојдневниот живот, пишува Би-Би-Си.
Професорот Стивен Брамвел од Лондонскиот центар за нанотехнологија оцени дека до средината на векот, границите помеѓу машините, електрониката и биологијата „значително ќе се замаглат“. Тој смета дека нанотехнолошките импланти би можеле да се користат за следење на здравјето, подобрување на комуникацијата и прецизна достава на лекови во организмот, наместо спектакуларните „супермоќи“ од научната фантастика.
Професорот по кибернетика Кевин Ворвик, првиот човек со микрочип вграден во нервниот систем, верува дека напредокот во оваа област би можел да овозможи револуционерни терапии, вклучувајќи длабока електронска стимулација на мозокот како делумна терапија за некои болести. Тој додава дека до 2050 година, кибернетските додатоци кои ќе овозможат „мозокот и телото да бидат на различни места“, би можеле да станат секојдневни.
Директорот на Научната музејска група Роџер Хајфилд смета дека „дигиталните близнаци“ – виртуелни копии на луѓето, кои се ажурираат со податоци во реално време – би можеле да се користат за тестирање на терапии, лекови или промени во животните навики без ризик за вистинскиот организам.
Во областа на компјутерските науки, големите технолошки компании инвестираат милијарди во развојот на квантни компјутери, кои би можеле да овозможат неверојатно брзи и сложени пресметки, како што е симулацијата на молекуларни процеси во развојот на нови лекови. Директорот на компанијата Енвидија, Џенсен Хуанг, процени дека „навистина корисни“ квантни компјутери би можеле да се појават за околу 20 години.
Вештачката интелигенција, според футуристката Трејси Фолоуз, ќе игра клучна улога во образованието, кое би се одвивало преку комбинација на виртуелна и физичка реалност, со ВИ-наставници што ќе се прилагодуваат на учениците во реално време. Наместо учебници, децата ќе користат имерзивни симулации, а образованието ќе биде помалку стандардизирано и повеќе прилагодено на индивидуалните биометриски податоци.
Писателот и футурист Бил Даглас предвидува дека до 2050 година сообраќајните гужви ќе исчезнат благодарение на автономните возила, додека во вселената би можела да се појави постојана база на Месечината. Новинарката Су Нелсон додава дека некои индустрии, како фармацевтската, би можеле да се преселат во вселената, каде што лековите ќе се произведуваат во услови на микрогравитација.
Иако некои експерти предупредуваат на можни дистописки последици, авторите се потсетуваат на зборовите на писателот Филип К. Дик, кој уште во 1968 година напишал дека се кладе во тоа дека науката „повеќе ќе му помогне на човештвото отколку што ќе му одмогне“.












