Како што тргнала работата, газдите ќе бараат од работниците да им вратат дел од платите

Работодавачите деновиве се пожалија дека работата тешко им оди, односно дека немаат пари за исплата ниту на платите кои во моментов ги земаат работниците, а камоли за нивно зголемување. Тоа наиде на низа реакции од синдикатите и од јавноста во кои, меѓу другото, велат „да не треба да ги жалиме затоа што не можеле да исплатат плати и оти морале да земаат кредити за да опстанат“. Според пресметките, минималната плата во државата во моментов изнесува 54 отсто од просечната плата и покрај тоа што некој од работодавачите сметаат дека тој процент е повисок и изнесува околу 57 отсто од просечната плата. Според работодавачите, мора да се придржуваме до стандардот што го наметнува Европа, а тоа е дека минимална плата треба да биде 50 проценти од просечната бруто-плата. Но, забораваат дека во Европа со минималната плата може добро да се живее, а кај нас не може ни да се преживее

1144

Како што тргнала работата, газдите во Македонија ќе бараат работниците да им вратат дел од платите. Имено, работодавачите деновиве се пожалија дека работата тешко им оди, односно дека немаат пари за исплата ниту на платите што во моментов ги земаат работниците, а камоли за нивно зголемување. Тоа наиде на низа реакции од синдикатите и од јавноста во кои, меѓу другото, велат „да не треба да ги жалиме затоа што не можеле да исплатат плати и оти морале да земаат кредити за да опстанат“. Според пресметките, минималната плата во државата во моментов изнесува 54 отсто од просечната плата и покрај тоа што некој од работодавачите сметаат дека тој процент е повисок и изнесува околу 57 отсто од просечната плата. Според работодавачите, мора да се придржуваме до стандардот што го наметнува Европа, а тоа е дека минимална плата треба да биде 50 проценти од просечната бруто-платата. Но, забораваат дека во Европа со минималната плата може добро да се живее, а кај нас не може ни да се преживее.

Според Ангел Димитров од Организација на работодавачи, желбите се во желботека, овде се работи за економија, економијата не е желби. 500 евра е измислена бројка што некому му текнало, не е бројка на база на математика.

–Во однос на минималната плата не треба да измислуваме топла вода, доволно е да ја применуваме европската директива која е донесена со четиригодишни расправи меѓу европските синдикати и работодавачи и која вели дека треба да се движи околу 50 отсто од просечната плата. Во Македонија, овој процент е поголем и изнесува 57 од просечната плата што е највисоко во Европа, вели Димитров.

Тој вели дека доколку нема помош од државата, многу брзо во Македонија може да се случи текстилот да падне на 10.000 вработени. Во 2015 бевме 46.000, во овој момент се 21.000 работници, а бројот многу брзо може да падне на 10.000 вработени.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека државата не треба да се споредува со минималните плати на оние во европските држави, бидејќи таму со минималец добро се живее, а кај нас се преживува.

–Интенцијата за донесување на минималната плата не беше да расте само таа, туку и останатите плати. Кај нас се зголемува само минималната плата, а просечната стои во место и минимално се зголемува периодично поради зголемување на платите во одреден сектор. Во август таа се зголеми како резултат на зголемување на платите во јавниот сектор за 10,3 отсто. Работодавачите ги споредуваат платите кои ги земаат работниците во европските земји, но не ја споредуваат куповната моќ, односно што ние можеме да купиме со нашите плата, а што тие со нивните. Во Европа, минималните плати изнесуваат од 1.000 до 2.000 евра и со нив убаво се живее, а кај нас со минималец се преживува, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Според него, не треба да се споредува застапеноста на минималната плата во просечната плата, особено ако се има предвид дека кај нас околу 75 отсто од работниците земаат помеѓу минимална и просечна плата.

Од Синдикатот сметаат дека газдите претераа со жалбите дека морале да земаат кредити за да опстанат и постојано бараат помош од државата. Ако ги слушаме газдите, испаѓа дека работниците треба да бидат задоволни со овие плати што ги земаат и да не бараат зголемување.

Сепак, работодавачите се децидни и велат дека е тешко да се дојде до минимална плата од 500 евра како што бара Синдикатот, без интервенции од Владата за придонесот.

–Значи, треба економските параметри да бидат базични за да се дојде до минимална плата. Не само паушално. Балонот минимална плата треба можеби и да пукне, меѓутоа не треба да биде категорија која ќе ги носи сите останати социјални преговори. Најголемиот дел од економијата, 98 проценти, се малите, средните и микропретпријатијата, а период на наплата е помеѓу 250 и 400 денови. И затоа најголемата бројка на отпуштања на неплаќање на плати и така натаму се во овој сегмент, сметаат работодавачите.

Ова неодамна го потврди и претседател на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, кој рече дека покачувањето на минималната плата влијае на зголемувањето на сите други плати. Според него, работната сила е најголем ресурс и мора да се најде баланс.

–Треба да научиме дека треба да работиме за да земаме плата. Треба да креираме ситуација на работење во општеството. Во приватните компании, секој оној што работи добро и е квалитетен, зема голема плата. Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на зголемувањето на сите други плати, а малите и средните компании нема да може да го издржат тој товар бидејќи не се профитабилни колку големите компании – појасни претседателот на ССК.

Но, изговорите на работодавачите дека немаат пари за зголемување на платите и оти треба да земаат кредити за да опстанат паѓаат во вода ако се има предвид дека преку половина од профитот на компаниите оди во џебот на газдите, а само мал дел останува за плати на работниците и за вложување во нова технологија, инвестиции и развој.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ