Не се знае како се потрошени парите од ЕУ поддршката за справување со енергетската криза на Западен Балкан. Според најновиот извештај на ЦEE Банквоч Нетворк, познато е само за 163 милиони евра од вкупно едната милијарда каде се потрошени тие пари, а за најголем дел од трошењата и резултатите нема увид во јавно објавени информации.
Буџетската поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза на Западен Балкан беше најавена во ноември 2022 година и беше за цел да ги намали моменталните последици од кризата и да ја забрза енергетската транзиција. Петстотини милиони евра требаше да се исплатат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (2), а другата половина беше предвидена како директна буџетска поддршка за помош на ранливи категории домаќинства и мали бизниси.
Деведесет проценти од буџетската поддршка беше исплатена на земјите помеѓу фебруари и мај 2023 година, а останатите 10 проценти требаше да се исплатат по исполнување на предвидените активности во акцискиот план со кој средствата беа одобрени. Краткорочните субвенции за сметки за електрична енергија доминираа во предлог плановите, со нејасни резултати. Во Албанија поддршката покриваше само постојни шеми, додека Црна Гора и Србија обезбедија еднократни плаќања без никаков ефект на долг рок. Тие исто така вклучија мерки за „енергетска безбедност“ во нивните Акциски планови, вклучително и директно субвенционирање на фосилни горива преку набавка на залихи на нафта.
Македонија ги субвенционираше сите сметки за електрична енергија за домаќинства преку трансфери направени директно кон АД ЕСМ, наместо да ги насочи кон ранливи потрошувачи. Ова се случувапе во период кога АД ЕСМ веќе добиваше стотици милиони евра буџетска поддршка за набавки на јаглен, мазут и гас.
Сите држави планираа субвенции за изолација, енергетски ефикасно греење и/или мали инсталации за обновливи извори на енергија, но, само Босна и Херцеговина објави некакви информации за напредокот и резултатите од субвенциите. Од околу 500 милиони евра директна буџетска поддршка, Банквоч успеа да поврзе само 41,1 милион со директен придонес кон енергетската трансформација.
За еден од авторите на анализата, Давор Пехчевски ЦЕЕ Банквоч Нетворк недостатокот од јавно достапни информации за поддршката на ЕУ за справување со енергетската криза на Западен Балкан е апсолутно несфатлив.
– Фондови одобрени со набрзина склопени индикатори стануваат стандардни за работата на Европската комисија во регионот. Милијарди евра јавни пари се губат без јасни планови за трошење, јавни консултации, редовни известувања за напредокот и отчетност – вели Пехчевски.
Елена Николовска од Еко-свест посочува дека главниот удар од енергетската криза одамна помина, и време е владите од регионот и Европската комисија да одговорат што е направено и што е постигнато.
– Граѓанските организации очекуваат што поскоро да се направи детална евалуација на овој финансиски пакет во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително и граѓанските организации, а резултатите од оваа евалуација да бидат јавно објавени – потенцира Николовска.
Албанија (во ноември 2024 г.) и Црна Гора (во декември 2023 г.) ги имаат добиено вторите транши од 10 проценти, Косово и Босна и Херцеговина ги имаат побарано, а Македонија и Србија ги немаат побарано.
(С.Бл.)