Како се обелуваат „црните“ пари од лихварството?

Живот на висока нога и луксуз на туѓ грб – што се крие зад истрагата за 11-мината

320

Ако лихварите пред хотелите ги чекаа комарџиите да ги испразнат џебовите, денеска, во ситуација кога има казина на секој чекор, тие се подостапни, ама и попрепознатливи, велат експертите за насилен криминал за весникот ВЕЧЕР. Криминалот со позајмување на пари кои подоцна повлекува уште многу други кривични дела има своја историја, секое прашање од типот „ Од каде му се парите за луксуз“ сугерира на одговорот „од перење пари“. Таков бил примерот со 11 члената криминална група лихвари од скопски Аеродром, составена од тројца на возраст од 41, 46, и 73 години, и повеќемина помлади од 25 до 36 годишна возраст. Полицијата во соработка со Обвинителството за организиран криминал и корупција ги приведе за сторени кривични дела „Лихварство“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Осумина од нив се во затворски, а тројца во куќен притво, еден е во бегство.

На видото што го објави МВР, од автомобилите на осомничените, може да се забележи лусузот на четири тркала и до околу 200 илјади евра. Ако се погледен во полициската статистика голем е бројот на случаи на закани и изнуди на пари поради должничко-доверителски причини. Истрагата за  групата која органзирано функционирала  и каде секој во структурата имал своја функција треба да покаже дали стои зад палењето на автомобили кое зачести во главниот град. Од ОЈОГООК не откриваат повеќе од истрагата со цел да не им попречат.

Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски вели дека лихварите наоѓаат добра подлога кај оние лица кои што се склони на пороци, како комарот или уживатели на дрога, па често пати уличните позејмувачи на пари знаат да земат во залог и претходно крадени предмети. Не ретко работата за одредени високи структури кои ги поседуваат „големите“ пари, кои располагаат со црн капитал од на пример трговија со дрога или пак даночно затајување, ги објаснува лихварските шеми началникот со долгогодишно искуство од областа на насилниот криминал.

„Должниците кога ќе се најдат во тесно, односно кога ќе бидат притиснати и да трпат последиците од лихварот, ова откако  плаќале до одреден период, а неможат да остварат поголем профит од каматите, тогаш почнуваат да заглавуваат, не плаќаат рата и почнуваат закани, грабнувања, уцени се со цел должниците да потпишат, да заложат стан или да дадат некој друг имот со цел да си се наплатат лихварите. Оштетените пријавуваат во полиција за тоа и бидејќи имаме постојан контакт помеѓу жртвата и сторителот, поднесува пријава против познат сторител, за кривичното дело Лихварство кое во суштина е  давање на пари со повисоки каамати од тие на банките“, објаснува Ѓурчевски.

Лихварството во Кривичниот законик се регулира во членот 260. Имено,
„ Тој што за услугата што му ја прави на некое лице прима или договара за себе или за друг несразмерна имотна корист искористувајќи ги неговата тешка имотна состојба, тешките станбени услови, нуждата, недоволното искуство или лекомисленоста, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Понатаму законот вели дека ќе се казни и тој што неовластено се занимава со давање пари или други потрошни предмети на заем со договор и притоа договара несразмерна имотна корист.

Според Ѓурчевски има три основни елементи кои создаваат криминолошка подлога за сторување на кривичното дело „Лихварство“. Првиот е високите камати во банките, недостапноста на кредитите поради долгата процедура како барање на на хипотека заради на пример финасирање на бизнис. Вториот е функционирањето на нотарите и коруптивните елементи кои ни се појавуваат во двата система. Кога нотарите ќе заверуваат договри се должни да внимаваат дали документот во инднина би продуцирале кривични дела, вели поранешниот началник. Во соопштението што го објави Обвинителството стои дека групата на лихвари од 2022 година, давала пари со договори во кои стоеле несразмерни суми на пари или имот.

„ Искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од 5% или 15% месечно зголемување за секое задоцнување. Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените“, открива истрагата. Освен на рака, должниците според истрагата го уплатувале долгот и на трансакциски сметки на лихварите. Од бакарската сметка или сеф, парите се легализирале во секојдневниот промет, а според ОЈОГООК на тој начин се завртеле повеќе од 2 милиони евра. Префрлале пари на фирми, купувале имот или автомобили, терале луксузен животен стил, располагале со кеш.

Ѓурчевски укажува на потребата од зајакнување на банкарскиот систем  бидејќи крајниот ефект на лихвата е перењето пари, кои понатаму се легализираат најчесто во градежништвото или луксузни возила.

Ние сме држава со 45 % сива економија, имаме еден куп криминогени дејствија- не се плаќаат даноци, акцизи, и поради тоа  потребна е посериозна борба за сузбивање на кривичноте дело перење пари или легализација на нелегално стекнати сретства кое најдобро се прави преку купување на станови, бидејќи градежништвото ни е најголема перална на пари, нагласува поранешниот полициски началник. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ