Како одговор на руските упади во полскиот воздушен простор: НАТО ја започнува мисијата „Источна стража“

181

НАТО денес започнува нова мисија за зајакнување на одбраната на источниот крило на Европа како одговор на руските упади на беспилотни летала во полскиот воздушен простор претходно оваа недела, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

Руте објави дека операцијата, наречена „Источна стража“, ќе започне вечерва и ќе вклучува воздушни и копнени бази, објави „Ројтерс“.

Зборувајќи за упадот на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор, Руте рече дека „тоа е неодговорно и неприфатливо“.

-Не можеме да дозволиме руски беспилотни летала да влезат во сојузничкиот воздушен простор, рече Руте.

Според него, досега Данска, Франција, Обединетото Кралство и Германија се обврзале на мисијата, а други земји-членки на НАТО ќе се приклучат.

Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, Алексус Гринкевич, изјави дека НАТО ќе ја брани секоја педа од територијата на своите земји-членки.

„Полска и граѓаните низ Алијансата треба да бидат уверени во нашиот брз одговор претходно оваа недела и во нашето значајно соопштение денес“, рече Гринкевич.

Тој во четврток изјави дека Германија трајно ќе стационира бригада од својата армија во Литванија.

Гринкевич рече дека тоа ќе биде голем чекор за зајакнување на одбраната и одвраќањето на источното крило на НАТО.

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане денес за да разговара за упадите со беспилотни летала во полскиот воздушен простор, што полскиот претседател Карол Навроцки го опиша како обид на Русија да го тестира одговорот на Варшава и НАТО.

Состанокот на Советот за безбедност на ОН беше свикан на барање на Словенија, Данска, Грција, Франција и Велика Британија.

ИЗДВОЕНИ