Најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување во Европа, познатата Евролига, остана без најискусните и најтрофејните тренери за само неколку дена. По отказот на Еторе Месина од Армани Милано, со празно тренерско столче остана и Партизан, откако најтрофејниот тренер си поднесе неотповиклива оставка.

Токму поради ваквиот развој на настаните, се јави и селекторот на италијанската репрезентација, Лука Банки. Пораката е јасна: Ваквиот убиствен ритам во европската кошарка ги уништува тренерите.

Двајцата најголеми авторитети која ги имала европската кошарка се повлекоа, а сезоната не дојде ниту до половина. Тоа, како што вели, не е случајност.

  • Ако имаме пет промени на тренери пред сезоната да биде дури и до половина, тогаш е јасно дека ни треба посериозен разговор за пристапот, распоредот и за начинот на кој ги оценуваме победите и поразите, рече Банки.

Според него, Евролигата сè повеќе наликува на ритамот на НБА, но без инфраструктурата и условите на НБА.

  • Ако сакаме да ја имитираме НБА со овој ритам на натпревари, тогаш мора да го прифатиме и фактот дека создаваме средина во која поразот е многу веројатен. Вредноста на натпреварот е изгубена. Ако некој каже дека секој натпревар е важен, не се согласувам со тоа, додаде Банки.

Банки не застана тука, туку се идентификуваше со тренерите.

  • Ова не е човечко. Играњето секоја вечер, ноќ по ноќ, не остава време за одмор, закрепнување или нормална подготовка, порача Италијанецот.

Тој особено нагласува дека тренери како Месина и Обрадовиќ живеат од детали, од процеси, од работа што трае со месеци, а таков ритам едноставно не им дозволува да го сторат тоа.

  • Тренери, зборуваме за Еторе Месина и Жељко Обрадовиќ, ова се тренери на кои им треба време да остават свој белег во тимот. Им треба простор да градат односи со играчите, да работат во вежбалница, да одат чекор по чекор и да го извлечат максимумот од составот. Овој распоред ги убива тренерите, смета Банки.

Банки предупредува дека промените се веќе видливи и дека прашањето е што сака кошаркарската заедница.

  • Ова уште еднаш ја докажува нивната уникатност, но исто така испраќа порака до целата кошаркарска заедница: навиките се менуваат, форматот се менува. Ако ви се допаѓа, продолжете. Мене не ми се допаѓа. Зборувам за ова две или три години, порача Банки.

ИЗДВОЕНИ