Тренерот на Јаник Синер, Дарен Кејхил, раскажа за една ситуација непозната за јавноста. Имено, италијанскиот тенисер имаше огромна предност од два сета против Новак Ѓоковиќ, во четврт-финалето на Вимблдон во 2022 година, но Србинот успеа со голем пресврт да го добие мечот. Тоа беше втор натпревар меѓу двајцата врвни тенисери во време во кое Италијанецот беше 13. во светот.
- Кога Новак го победи Јаник во пет сета во полуфиналето на Вимблдон 2022, отидов директно кај него и го прашав за мислење. Повеќето други играчи би рекле, тој е одличен тенисер. Добро се снаоѓа, само нека продолжи да работи напорно. Празни зборови. Но, Новак не е таков – започна Кејхил.
Потоа тој додаде што рекол српскиот ас.
- Новак ја анализираше играта на Јаник во детали. Ни кажа дека треба да има повеќе варијации во неговата игра, дека треба да го подобри сервисот, дека треба почесто да доаѓа до мрежата. Сето тоа многу ни помогна – додаде Австралиецот.
Потоа, тој објасни како влијаело тоа на Синер.
- Не е дека не знаевме дека му треба на Јаник сè што ни кажа Новак, нешто друго беше важно. Фактот дека го слушна тоа од устата на Новак, му ја даде потребната верба за сè што требаше да направи. Советот на Ѓоковиќ пред три години многу ни помогна да работиме на тоа и да ја промениме играта на Јаник – истакна Кејхил.
Три години подоцна, Синер е незапирлива сила, а неодамна, на Ролан Гарос, го победи и Ѓоковиќ, па сега може да каже дека има подобар резултат во меѓусебните средби со него – 5:4.