Покрај климатските промени, човечкиот фактор е главниот фактор за алармантната состојба со заболувањата на населението во Преспа. Доктори и аптекари дебатираа во Ресен за „Здрава средина, здрав живот“, при што беа искажани загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином во Преспа.

– Имаме податоци што не смееме да ги игнорираме. Моето децениско аптекарско искуство покажува дека како никогаш досега во Ресен продаваме лекови за карцином, тироидна жлезда, стерилитет, алергии. Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво – кажа Билјана Стојаноска, претставничка на аптекарите во Преспа.

Д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје најави редовен мониторниг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.

 

 

За процесите што се случуваат во и околу Преспанското езеро во голема мера влијае прекумерната употреба на пестициди кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото, како и во целокупната колективна негрижа за животната средина што, пак, заедно со климатските промени придонесуваат за алармантната состојба со заболувањата на населението во Преспа. Ова меѓу другото беше посочено на панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот“ што се одржа во Ресен, по повод Меѓународниот ден за животна средина и здравје, а на која учесниците, без задршки зборуваа за проблемите што ги детектирале и со кои се соочуваат во своето повеќедецениско работење.

Директорот на Болницата за респираторни заболувања во Отешево, д-р Благоја Китановски даде загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином во Преспа.

– Има благо зголемување на бројот на заболени од карцином, иако бројката на новозаболени од овој регион не го надминува просекот на ниво на државата. Ние имаме годишно 250 новозаболени од карцином. Таа бројка беше поголема во претходната година оти за време на ковид-кризата не се правеше дијагностика. За надминување на оваа состојба ние правиме редовни скрининзи за рак на дојка и колоректален карцином кои се малигни заболувања карактеристични за овој регион – изјави директорот Китановски.

Неговиот став е дека вината за состојбата со заболувањата подеднакво ја дели човечкиот фактор со негрижата за животната средина и климатските промени кои го намалуваат водостојот на езерото, го менуваат живиот свет во езерото, а од таму и на луѓето.

Билјана Стојаноска, која учествуваше на панел–дискусијата како претставничка на аптекарите во Преспа, го дополни директорот Китановски со уште позагрижувачки податоци.

– Имаме податоци што не смееме да ги игнорираме. Моето децениско аптекарско искуство покажува дека како никогаш досега во Ресен продаваме лекови за карцином, тироидна жлезда, стерилитет, алергии. Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво – кажа Стојаноска.

Д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје најави редовен мониторниг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.

– Наша должност и обврска е откога ќе ги добиеме потребните анализи, врз основа на годишните извештаи и епидемиолошки испитувања да дадеме препораки кои обврска има да ги спроведе локалната самоуправа. Тоа редовно го правиме, а така и ќе продолжиме. Останува граѓаните да ги почитуваат – рече Здравески.

Една од главните препораки за ресенчани од д-р Здравески е да носат респираторни маски не само кога одат во овоштарниците за прскање, туку и кога го подготвуваат материјалот за прскање.

Д-р Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод – Охрид, кажа дека Преспанско Езеро забрзано старее во споредба со останатите природни езера. Според неа, тоа се гледа преку прекумерно цветање на алгите во езерото, процес за кој во голема мера придонесува прекумерната употреба на пестициди кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото.

– Промените што ги предизвикуваат се зголемена продукција на фитопланктон, цветање на алгите. Сериозно е тоа што многу често има токсични алги кои го загрозуваат животот во езерото, но понатаму и на луѓето преку исхраната со риба – посочи директорката Тасевска.

На панел дискусијата како претставник на Општина Ресен присуствуваше Ајман Ал Малла од Секторот за животна средина. Тој за следната година најави измена на низа закони за животната средина, но нагласи дека промената треба да почне од секој од нас.

– Доста веќе се организира чистење диви депонии. Тоа треба да се укине. Треба да тргне секој од себе, од дома, од семејството, па понатаму да дејствуваа и институциите – рече Ал Малла.

Тој детално зборуваше за сите акции кои Општина Ресен во моментов ги презема за расчистување на депониите, за селектирање на отпадот и за најавеното компостирање.

Учесниците во панел дискусијата донесоа заеднички заклучок, дека на Преспа ѝ треба заедничка акција која ќе тргне од граѓаните, а ќе ја продолжат институциите и од локалната и од централната власт за да се дојде до почиста животна средина која, пак, значи здравје за сиот жив свет.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ