Како некогаш – Петар Ренџов со „Тумбао салса бенд“ пред скопската публика  

26

Навистина поодамна немаме ништо слушнато за познатиот скопски „Тумбао салса бенд“, кој на времето се расфрлаше со настапите и песните. Но, за среќа, работите се менуваат, и тоа на добро. Така што, еве сега ќе прочитате за најновите активности на Петар Ренџов и другарите.

Дури по цела една деценија, „Тумбао салса бенд“ повторно ќе ја разниша скопската публика и тоа со голем концерт. Забавата ќе се случи на 31 октомври во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот. Инаку, бендот заедно со Петар Ренџов, последен пат имаше таков поголем успешен концерт во Скопје во 2015 година, токму во Универзална сала, пред таа да пропадне.

На сцената на МОБ, овој пат на бендот ќе му се придружат и специјалните гости: Ивана Стојановска, Биљана Ѓошева, Ристо Самарџиев и Мики Јовановски-Џафер, кои ќе направат вечерта да биде разиграна со нивните хитови. Петар Ренџов нагласи дека „Тумбао салса бенд“ е единствен и специјален бенд, кој со себе носи ритмика и динамика од Карипските Острови. Тоа е егзотика која ја освојува и македонската публика.

– Во овие 20 години постоење создадовме автентичен звук и доживувања кои повикуваат на среќа, танц, љубов, радост, смислата на животот.  Овој октомвриски концерт ќе биде гала-вечер на македонско-кубанско-карипска музичка релаксација за сите наши сетила, со неизбежна доза џез, раскажа Ренџов. (Д. М.)

ИЗДВОЕНИ