Дента кога скопска Апелација донела решение со кое му се дозволило на осомничениот сопственик на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, да замине за Турција, управните служби на МВР му го изработиле времениот пасош. Апелација одлучила по позитивно мислење од Вишото јавно обвинителство, а претходно надлежното дало два предлога: да му се укине мерката претпазливост, па така да му се врати редовниот пасош или да му се издаде времен. Сепак, Обвинителството се одлучило за вториот предлог
Милионската гаранција била предуслов Јахоски Помладиот да добие времен пасош, со рок на траење од шест месеци, за да оди во Истанбул, на матурската прослава на својот син. Одлуката на кривичната тројка од скопска Апелација, Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов и Тања Милева, заради интерес на јавноста, е објавена на страницата на Судот.
– При донесувањето на ваквата одлука, Советот го имаше предвид времетраењето на кривичната постапка, како и однесувањето на обвинетиот во текот на истата, односно фактот дека тој во целост ги почитувал определените мерки на претпазливост, континуирано, уредно и навремено се јавувал во Судот, од што произлегува дека со издавањето на патната исправа со ограничен рок на важење нема да се осуети непреченото водење на кривичната постапка – одлучиле судиите на Апелациониот суд.
Судиите од второстепениот суд, кои одлучувале по жалбата на осомничениот, откако претходно Кривичниот суд го одбил неговото барање за времен пасош, се повикале на мислењето на Вишото јавно обвинителство. Претходно, и надлежната јавна обвинителка од Организиран криминал и корупција, Катерина Коларевиќ, не само што дала предлог да му биде издаден времен пасош туку имало и предлог да му се укине мерката претпазливост и да му биде вратен редовниот. Сепак, Обвинителството се одлучило да оди со предлогот за пасош со рок на траење од половина година.
– Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, од 19.5.2025 година, дало мислење, кое е позитивно, како и предлогот на Вишото јавно обвинителство од 27.5.2025 година, со кој се предлага да се уважи жалбата на осомничениот, откако изврши увид во списите на кривично-правниот предмет, оцени дека во конкретниот случај има услови да му се издаде нова патна исправа на осомничениот А. Ј., со ограничен рок на важење – се наведува во решението на Апелација, донесено од Советот на судии, составен од Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов и Тања Милева.
Но, она што останува нејасно е брзината со која му издало МВР нова патна исправа на осомничениот. Решението на Апелација е донесено на 29 мај, а Јахоски отпатувал за Турција веќе следниот ден. Весникот ВЕЧЕР побара одговор од управните служби на МВР: Како е можно осомничениот, инаку син на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски, да извади пасош во еден ден ако се знае дека тој, по итна постапка, се изработува во рок од 48 часа? До затворањето на весникот, одговор не добивме. Пред неколку дена, кога беше објавена слика на која се гледа дека е Јахоски на Босфор, полицијата објасни дека тој патувал со автомобил, излегол на 30 мај, а влегол на 2 јуни, преку граничниот премин Богородица. Само што пристигнал во земјава, во понеделникот во 10:00 часот ѝ се пријавил на судската полиција.
Двемилионската гаранција одлучи на осомничениот сопственик на нафтената компанија „Пуцко петрол“, од втора, затворскиот притвор да му биде заменет со поблага мерка. Јахоски, на предлог од ОЈОГОКК, уплати милион евра на сметка на Судот и го заложи деловниот стан, кој бил проценет за уште еден. Претходно, кога беше приведен во случајот „Мазут“, преку својот бранител, му понудил на Судот 1,6 милиони евра, но барањето за куќен притвор му било одбиено и Судот се одлучил за затворски. Асмир Јахоски е осомничен заедно со бизнисменот Ратко Капушевски и со Ерџан Сулкоски, бидејќи добиле пари од ЕЛЕМ за испорака на мазут, стекнати преку кривично дело. Штетата во буџетот за која се товари Асмир Јахоски е 72 милиони денари, односно околу 1,1 милион евра. Истрагата откри дека мазутот бил неквалитетен и штетен за здравјето на луѓето. (П. А.)