Како конфликтот меѓу Израел и Иран влијае на Европската унија? Предизвици кои можат да ја променат судбината на Европа

Конфликтот меѓу Израел и Иран носи енергетски, безбедносни и политички предизвици за ЕУ

367

Конфликтот меѓу Израел и Иран, кој се интензивираше во последните недели, не останува изолиран настан на Блискиот Исток. Европската унија, иако географски оддалечена, се повеќе ги чувствува директните последици од овој конфликт – од безбедносни и енергетски закани, до политички притисоци и внатрешни поделби.

Иако конфликтот се одвива надвор од европскиот континент, неговата геополитичка и безбедносна сенка сè повеќе паѓа врз Европа. ЕУ се обидува да го балансира дипломатскиот ангажман, зачувувајќи ја безбедноста и стабилноста на пазарот, но се соочува со реалноста дека меѓународните кризи се потешко се изолираат.

Во последните денови, Европската унија прави дипломатски напори да ги смири тензиите и да спречи натамошно ширење на конфликтот. Високи претставници на ЕУ повикуваат на воздржаност и почитување на меѓународното право, но во исто време го потврдуваат правото на Израел на самоодбрана.

„Ги повикавме сите страни да покажат максимална воздржаност и да избегнат дејствија кои можат да имаат сериозни последици, вклучително и ризици од испуштање радиоактивни материи“, рече шефицата за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас на 17 јуни, адресирајќи ја загриженоста дека нападот врз иранските нуклеарни постројки може да предизвика катастрофа.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, два дена претходно директно разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и истакна дека „дипломатијата е единственото долгорочно решение“.

Инаку, Израел тврди дека серијата напади врз Иран ја извршил како превентивна мерка затоа што Техеран наводно развива нуклеарно оружје. Сепак, нема цврсти докази за тоа, ниту пак Израел го понудил. Од сите земји на Блискиот Исток, се вели дека само Израел поседува нуклеарно оружје, но тоа никогаш не е официјално потврдено.

Претставниците на ЕУ треба да разговараат на овие теми на самитот на ЕУ следната недела, а дотогаш експертскиот дел од јавноста дебатира кои се можните последици од овој конфликт за Европа и остатокот од светот?

Во анализа за медиумите, Карстен Брзески, шеф на макроекономија во ИНГ, посочува дека посериозна ескалација може значително да ја поткопа довербата на потрошувачите и економијата во еврозоната. Комбинацијата од зголемените цени на енергијата и геополитичката неизвесност веќе врши притисок врз инвестициите и потрошувачката. Според него, Европа би можела да се соочи со нов бран на стагфлација, сценарио слично на она во 1973 година кога Јомкипурската војна предизвика глобална нафтена криза и економски пад.

Иако можноста за нуклеарен конфликт засега се оценува како мала, сепак не е исклучена. Израел, иако никогаш официјално не потврдил дека поседува нуклеарно оружје, се проценува дека поседува околу 90 боеви глави. Ескалацијата што ќе ги вклучи обидите на Иран да го елиминира израелското воено и политичко раководство може да доведе до размислување за употреба на нуклеарно оружје.

Еден од првите видливи ефекти од конфликтот врз Европа е скокот на цената на нафтата и зголемената загриженост за стабилноста на енергетскиот пазар. Иако ЕУ не е директно зависна од иранската нафта, секое нарушување во Ормускиот теснец – една од клучните точки за светскиот извоз на енергија, веднаш влијае на пазарите, анализира ЕУправо.

Брисел, во координација со САД и партнерите, разгледа мерки за стабилизирање на снабдувањето со енергија и подготовка за можни прекини.

Засилениот конфликт дополнително ја усложнува ситуацијата со мигрантите, особено на јужните и источните граници на ЕУ. Се очекува да започнат нови бранови мигранти од Сирија, Либан и Иран, што ќе го зголеми притисокот врз земји како Грција, Италија, Бугарија и Хрватска. Во исто време, безбедносните служби ширум Европа го зголемија нивото на будност поради можни терористички напади или саботажи поврзани со радикални групи поддржани од Иран. Новата германска влада веќе ги засили граничните патроли, додека Франција и Австрија дополнително ја обезбедија клучната инфраструктура.

Манфред Вебер, лидер на Европската народна партија во Европскиот парламент, изјави дека „борбата на Израел против исламскиот тероризам не е само израелско прашање, туку и европски безбедносен приоритет“.

Кризата го тестира и политичкото единство во ЕУ. Додека членките како Германија и Франција се обидуваат да заземат јасен прозападен став и да го поддржат Израел, други – особено Унгарија и Словачка, повикуваат на понеутрален пристап и помалку мешање.

Полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка јасно стави до знаење дека „обидите за промена на шенгенскиот систем под притисок на политичката ситуација се чекор во погрешна насока“, истовремено нагласувајќи дека „Шенгенот и слободното движење на луѓето се едно од најголемите достигнувања на ЕУ“.

ИЗДВОЕНИ