
За време на мандатот на Доналд Трамп, неговиот зет Џаред Кушнер патува низ светот во име на претседателот, а тоа првенствено ѝ служи на неговата компанија, наведува во својата анализа „Франкфуртер алгемане цајтунг“.
Во сржта на неговиот финансиски успех се Суверени фондови за богатство од Блискиот Исток, високи такси и политичка мрежа. Во нормални околности оценката на пет члена на инвестицискиот одбор на Саудискиот суверен фонд за богатство, дека се работи за „неискусен менаџмент“, „прекумерни“ такси, „незадоволителни во сите погледи“ перформанси би значела отфрлање на инцвестицијата во фирмата на Кушнер. Но, таа е прифатена неколку дена подоцна откако лично се вмешал крунскиот принц Мохамед бин Салман. Во летото 2021 година тој одлучил Саудискиот фонд да инвестира две милијарди долари во компанијата „Афинити партнерс“, зад која стои Кушнер. Името на компанијата е двозначно, посочува на сродство и врски, дефиниција што одговара на бизнис моделот на нејзиниот основач. „Њујорк тајмс“ ја откри оваа необична инвестиција пред години, но дури сега се појавува вистинската слика. Во еден интерен документ на Саудискиот фонд се вели дека целта била да се искористи „длабокото разбирање на Кушнер на различните владини политики и геополитички системи“, формулација што го избегнува терминот „блискост со владата“, но го имплицира токму тој елемент.
Овој 45 годишник, во брак со Иванка Трамп и татко на три деца, изгради широка мрежа на меѓународни контакти за време на мандатот на Трамп во Белата куќа. Неговото богатство се ближи до една милијарда долари. Тој работи повешто и подискретно од другите членови на семејството Трамп, кои вложија малку напор да ги сокријат своите деловни интереси за време на неговиот втор претседателски мандат. Кушнер, од друга страна, често нагласува дека патува без плата кога неговиот тест го испраќа да посредува во конфликти, а тоа се случува редовно. Кушнер е вклучен во преговорите меѓу Израел и Хамас, а оди на разговори и во Кремљ.
Сепак, неговиот финансиски модел е директно поврзан со тие односи. „Афинити партнерс“ е фонд за приватен капитал кој инвестира првенствено во приватни компании со цел да ги реструктуира, а подоцна да ги продаде со профит, за што наплаќа надомест. Во случајот со саудиската инвестиција, „Њујорк тајмс“ објави дека надоместокот е 1,25 проценти од инвестираната сума. Иако овој процент е под типичната пазарна стапка од 1,5 до 2 проценти, експертите од индустријата го сметаат за висок за нов фонд без претходна историја. Само од првите две милијарди долари, годишниот приход е околу 25 милиони долари. Прифаќањето на овие услови од саудиската страна сугерира дека очекувањата не се ограничени само на финансиски приноси, туку и на пристап до највисоките нивоа на американската политика.
Во неколку интервјуа, Кушнер постојано нагласува дека дејствува во најдобар интерес на Америка. Можеби и самиот верува во ова, но очигледно е дека во исто време, сепак, тој ги штити и сопствените интереси, како и интересите на своите деловни партнери. Експертите од индустријата не можат да наведат друга финансиска компанија со слична големина што има толку моќни инвеститори. Но, Кушнер негира конфликт на интереси и вели дека тоа што многу луѓе гледаат, не треба да го спречи.
Тој не е единствената американска политичка фигура што користи приватни фондови за да го инвестира капиталот создаден за време на неговата јавна кариера. Поранешниот демократски потпретседател Ал Гор исто така беше ко-основач на фонд фокусиран на одржливи инвестиции. Партнерите и приоритетите се разликуваат, но механизмот останува сличен.











