Во текот на зимските месеци, жителите на урбаните средини често се изложени на зголемени концентрации на загадувачки материи во воздухот, што негативно влијае првенствено на респираторните и кардиоваскуларните функции, но и на општото здравје.
Покрај стандардните препораки за јавно здравје поврзани со спречување на влегување на загадени честички од воздухот во човечкото тело, правилната исхрана игра одредена улога во одбраната од штетните ефекти на загадувањето. Иако исхраната не може да ги замени основните мерки за намалување на загадувањето, правилно избраните намирници можат да придонесат за зајакнување на одбранбените механизми на телото и ублажување на негативните ефекти од загадениот воздух. Штетните ефекти од загадувањето, меѓу другото, се манифестираат со предизвикување оксидативен стрес, односно нарушување на рамнотежата помеѓу создавањето на слободни радикали и способноста на телото да ги неутрализира преку антиоксидантна заштита.
Затоа, се препорачува исхрана богата со антиоксиданси, витамини и минерали, како и незаситени масни киселини, карактеристични за медитеранската исхрана, што помага во намалувањето на оксидативниот стрес предизвикан од загадувачите во воздухот.
Од особена важност се овошјето и зеленчукот богати со витамини Ц и Е, како што се зелката, брокулата, спанаќот, пиперките, агрумите, кивито и јаболката, како и јаткастите плодови и семките. Зеленчукот богат со каротеноиди, особено бета каротенот, како што се морковите, тиквата, слаткиот компир, спанаќот и дињата, исто така имаат корисен антиоксидативен ефект врз телото.












