Постојат сериозни индиции дека Александар Вучиќ лично учествувал во сафарито со луѓе, како и дека учествувал во давањето логистика и помош на странските ловци во ловот на луѓе во воено Сараево, на Еврејските гробишта, стои во пријавата на Домагој Маргетиќ до обвинителите во Милано. Вучиќ не го коментираше ова, иако години претходно експлицитно негираше дека пукал некогаш во опколеното Сараево
Хрватскиот истражувачки новинар Домагој Маргетиќ, во средата, на обвинителите во Милано им достави пријава против српскиот претседател, Александар Вучиќ, за негова наводна вмешаност во аферата „Сараево сафари“, во која снајперисти од Италија и од други земји наводно во главниот град на Босна и Херцеговина убивале цивили, во текот на четиригодишната опсада во 1990-тите, пишува „Гардијан“
– Го информирав Јавното обвинителство за сите мои сознанија за поврзаноста на Александар Вучиќ со „сафарито со луѓе“ во воено Сараево. Ги приложив сите докази, видеоматеријали, фото документација, аудио и видеодокументација, како и медиумска документација од тоа време – вели Маргетиќ.
Во пријавата, тој наведува дека во текот на војната во 1992 и во 1993 година Вучиќ бил „илегален воен доброволец во Сараево, член на паравоен одред, под контрола на Српската радикална партија, во единица командувана од Славко Алексиќ“. Според Маргетиќ, таа единица била стационирана на Еврејските гробишта во Сараево, кои биле снајперска позиција на српските сили. Во пријавата се наведува дека податоците дека Вучиќ бил дел од единицата на Алексиќ и дека бил стациониран на Еврејските гробишта, во сведочење пред Хашкиот суд ги потврдил и неговиот политички сојузник, Воислав Шешељ. Има потврда од уште едно лице, кое рекло дека „Вучиќ, како студент, дошол во БиХ и бил доброволец“.
Маргетиќ во пријавата упатува и на видеоснимка на која е Вучиќ со снајперска пушка во раката, во близина на Еврејските гробишта во Сараево. Врската со човечкото сафари во Сараево Маргетиќ ја наоѓа во податокот дека во единицата на Алексиќ имало само неуки луѓе, а странски јазик знаеле само извесен Зак Новак и Александар Вучиќ. Тие, според Маргетиќ, се единствените што можеле да бидат водичи и да комуницираат со странците што дошле во Сараево да убиваат луѓе од задоволство.
– Постојат сериозни индиции дека Александар Вучиќ лично учествувал во сафарито со луѓе, како и дека учествувал во давањето логистика и помош на странските ловци во ловот на луѓе во воено Сараево, на Еврејските гробишта – заклучува Маргетиќ во пријавата до обвинителите во Милано.
Вучиќ сè уште не коментираше за најновите обвинувања. Сепак, гласовите за неговиот престој на бојното поле во Сараево кружат со години. Во интервју за босанска телевизија во 2021 година, тој експлицитно негираше дека пукал некогаш врз опколениот град. Во тоа време, тој ги опиша обвинувањата како политичка манипулација вкоренета во националистичката реторика од неговата младост и кревката рамнотежа на моќ во регионот.
Како што е познато, обвинителите во Милано, минатата недела, почнаа да го истражуваат случајот за да ги идентификуваат Италијанците што наводно се вмешани во скандалот. Доколку се докаже дека убивале луѓе во Сараево, од задоволство, ќе бидат осудени за убиство со умисла со отежнувачки околности на суровост и ниски мотиви.
Според истражителите, групи „снајперски туристи“ наводно учествувале во злосторствата откако платиле големи суми на војници во армијата на Радован Караџиќ, поранешен водач на босанските Срби осуден за геноцид и за други злосторства против човештвото, за да ги транспортираат до ридовите околу Сараево и за да им дозволат да пукаат во населението за забава. Во текот на најдолгата опсада во модерната историја, помеѓу 1992 и 1996 година, повеќе од 10.000 луѓе беа убиени во Сараево, од гранати и од снајперски оган. Снајперистите беа, можеби, најстрашниот елемент од животот под опсада, бидејќи неселективно пукаа во луѓето на улиците, вклучувајќи ги и децата.
Истрагата произлезе од кривичната пријава поднесена од Ецио Гавацени, писател од Милано што собра докази за обвинувањата, како и од извештајот испратен до обвинителите од поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ.
Гавацени рече дека во групата снајперисти имало „многу, многу Италијанци“, како и „Германци, Французи, Англичани… луѓе од сите западни земји, кои платиле големи суми за да бидат однесени таму и за да пукаат во цивили“. Тој додаде дека тие немале политички или религиозни мотиви, туку биле богати луѓе што оделе таму за забава и лично задоволство.
– Зборуваме за луѓе што сакаат оружје, можеби одат на стрелишта или на сафари во Африка – истакна Гавацени.












