Повеќе од 80 ученици од основните училишта „Гоце Делчев“ и „Мите Богоевски“ во Ресен покажаа интерес и ентузијазам како да ја спасат Преспа од отпадот. Македонското еколошко друштво ги поведе низ интерактивни предавања за отпадот и за неговото влијание врз екосистемите во Преспа, кои се претворија во часови по креативност, тимска работа и љубов кон природата.

Првото предавање се реализираше во училиштето „Гоце Делчев“ и на него учествуваа 20 ученици од деветто одделение, додека во училиштето „Мите Богоевски“ беа одржани две предавања на кои присуствуваа 62 ученици. Со факти, примери и низ вежби, младите дознаа како отпадот може да ја наруши рамнотежата на езерото, да ги загрози рибата, птиците и на крај човекот. Потоа, тие покажаа голема свесност за темата и подготвеност да се вклучат во идни еколошки акции, работилници и едукативни активности поврзани со заштитата на природата.

Предавањата завршија со промоција на онлајн квизовите достапни во секцијата „Учи со клик“ на www.presparazbudise.mk – забавен начин младите да го проверат своето знаење и да учат преку интерактивна игра.

За отпадот што го создаваат дискутираа и преспанските земјоделци и жители од селата Шурленци, Волкодери и Сирхан. Активистите од „Екогерила Преспа“ организираа средба на пунктовите за откуп на јаболка – таму каде што секојдневно се одвива животот и трудот на земјоделците, и директно разговараа со нив не само за родот, туку и за отпадот – како да го намалат, како правилно да го одлагаат и како заедно да создадат почиста и поодржлива Преспа.

На средбата присуствуваа повеќе од дваесетина жители и земјоделци кои споделија свои искуства, проблеми, но и идеи за управувањето со отпадот. Посебен акцент беше ставен на отпадот од пакувањето на пестициди и на начините за справување со органскиот отпад што настанува во текот на сезоната. Учесниците дадоа и конструктивни предлози за подобрување на локалните практики и за воведување нови решенија што би придонеле за почиста Преспа.

Дискусијата опфати и теми како рационалното користење на водата и значењето на канализационата инфраструктура за зачувување на природните ресурси. Средбата резултираше со низа препораки што ќе бидат споделени со надлежните институции како можни решенија за локалните проблеми со отпадот и за унапредување на одржливото управување со природните ресурси во Преспа.

Предавањата и работната дискусија се одржаа во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со „Екогерила Преспа“ и Македонското еколошко друштво, со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа”.

ИЗДВОЕНИ