Како да ја запреме инфлацијата кога дивеат цените на нафтата и на гасот?

Ако продолжи војната меѓу Иран и Израел, инфлацијата ќе нè дотепа, оценуваат експертите, а доказ за тоа е и растот на цените на бензините, кои веќе се качија како резултат на глобалниот раст на цената на нафтата. Економистите сметаат дека ова се глобални процеси, кои, несомнено, ќе ја зафатат и нашата економија, која е зависна од увозот на енергенси и на храна. Она што може да го направиме е да ја контролираме преку поттикнување на домашното производство и преку оптимизација во трошењето на енергенсите. Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска, и Народната банка предвидуваат дека инфлацијата ќе се стабилизира на околу 3 отсто, а за да се случи тоа, ќе ги искористат мерките што им стојат на располагање

136

Конфликтот меѓу Иран и Израел ќе ја подгрее инфлацијата во Македонија, која во мај изнесуваше 3,3 отсто. Инфлацијата ќе продолжи да расте ако продолжи војната помеѓу овие две земји, оценуваат експертите, а доказ за тоа е и растот на цената на бензините, кои веќе се качија како резултат на глобалниот раст на цената на нафтата. Предвидувањата се дека растот на инфлацијата тргна и дека тешко ќе може да се запре. Економистите сметаат дека ова се глобални процеси, кои, несомнено, ќе ја зафатат и нашата економија, која е зависна од увозот на енергенси и на храна. Она што може да го направиме е да ја контролираме преку поттикнување на домашното производство и преку оптимизација во трошењето на енергенсите.

– Состојбата е многу сериозна, ние сме увозно зависна земја и ќе почнеме и воздухот да го увезуваме. Ако се насочиме долгорочно кон производство и потрошувачка на домашни производи, во тој случај може да ја контролираме инфлацијата. Освен тоа, потребна е максимална оптимизација на трошењето на енергесите и во приватниот и во јавниот сектор. И бизнисот треба да се фокусира на што помало трошење на енергенсите во процесот на производство. Доколку се намали трошењето на енергенсите, може да се намали и цената на производството и ќе добиеме поевтини производи. За да ги оптимизираат трошоците, компаниите мора да направат една анализа за да видат каде трошат повеќе и дали е оправдано тоа или не – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Според него, новите глобални случувања, односно војната меѓу Иран и Израел, ќе предизвикаат раст на цените на храната, пред сè поради поскапите енергенси.

– Поентата е да се трошат поскапи гас и нафта, кои може да бидат донесени до глобалните производствени капацитети – додава Бошков.

И универзитетскиот професор Зоран Ивановски смета дека ако продолжи конфликтот на Блискиот Исток, ќе се зголеми цената на енергенсите и на храната.

– Зголемен е ризикот од подгревање на инфлацијата како последица на конфликтот меѓу Иран и Израел и на растот на цените на нафтата и на гасот. Освен зголемување на цените, може да дојде и до прекини во синџирите на снабдување, што, секако, не добро за нас бидејќи сме увозно зависни – изјави Ивановски за весникот ВЕЧЕР.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, смета дека ова ќе биде директен удар врз нашата економија, бидејќи сме енергетски зависни.

– Македонија е ранлива, зашто нема енергетска и прехранбена независност и поради тоа е принудена на увоз. Поради тоа, директно е на удар на зголемувањето на цените на енергенсите. Тука главна улога има Народната банка, која, преку инструментите на монетарната политика, треба да ја контролира инфлацијата. Ние и досега сме имале вакво искуство со ковид-кризата и со војната во Украина, кога имаше голем раст на цените на енергенсите и на храната – изјави Хајредини за весникот ВЕЧЕР.

Со предлог-ребалансот на буџетот за 2025 година, кој го усвои Владата, се очекува инфлацијата, која на почетокот од годинава регистрираше нагорен тренд, понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Проекцијата за инфлацијата, според министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска, се темели на очекувањата за доследна примена на Законот за нефер трговски практики, кој треба да го спречи неоправданото зголемување на цените, особено кај основните прехранбени производи.

– Во однос на инфлацијата, да, и тоа го дискутиравме, бидејќи таа благо се зголеми во првата половина од годината. Очекуваме одредени промени во делот доколку има зголемување на цената, а следиме дека има одреден ризик поради нафтата и берзанските цени. Во исто време, Министерството за труд и економија многу внимателно ја следи состојбата и со цените кај прехранбените производи и правиме напори. Во периодот што следува, ќе објавиме и други мерки што, можеби, не значат директна финансиска поддршка, но ќе помогнат да ја зголемиме конкуренцијата во делот на домашното производство со цел да ги намалиме овие ефекти. Доколку има повторно некое заострување или зголемување на цените, секако дека ќе следуваат и мерки – рече Димитриеска-Кочоска.

И од Народната банка очекуваат да продолжи трендот на забавување на инфлацијата. Најновите оцени упатуваат на просечна стапка на инфлација од 3 проценти во 2025 година, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5 проценти.

– Оваа промена ги одразува малку повисоките остварувања во првиот квартал оваа година, но и нагорните ревизии на оцените за цената на суровата нафта и на основните прехранбени производи на светските берзи. Сепак, се очекува дека инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 процента во 2026 година и ќе се задржи на тоа ниво и во 2027 година. Ризиците за инфлацијата во најголема мера се поврзуваат со геополитичките тензии, трговската неизвесност предизвикана од протекционистичките политики, нарушувањата на синџирите на снабдување и климатските фактори – оценуваат од Народната банка.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ