Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека тврдењето на Русија дека Украина неодамна ги таргетирала клучните владини објекти во Русија е намерно одвлекување на вниманието.
„Москва има за цел да спречи вистински напредок на Украина и нејзините западни партнери кон мирот“, рече Калас во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Според неа, „никој не треба да ги прифаќа неоснованите тврдења на агресорот кој неселективно ја таргетира украинската инфраструктура и цивилите од почетокот на војната“.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во понеделник изјави дека режимот во Киев започнал терористички напад користејќи 91 беспилотни летала со долг дострел врз државната резиденција на претседателот на Руската Федерација во регионот Новгород во ноќта помеѓу 28 и 29 декември.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли тие тврдења, велејќи дека Русија се обидува да го поткопа напредокот во преговорите меѓу Украина и Соединетите Американски Држави за завршување на војната во Украина.












