Каја Калас: Средбата Си-Путин-Ким во Пекинг е директен предизвик за меѓународниот поредок

73
Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Средбата во Пекинг на лидерите на Кина, Русија и Северна Кореја е директен предизвик за меѓународниот поредок, оцени високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

„Овој состанок на Си Џинпинг, Владимир Путин и Ким Џонг Ун не само што испраќа антизападни сигнали, туку претставува и директен предизвик за меѓународниот систем базиран на правила, а ова не е само симболично“, рече таа, пренесува „Бета“.

„Руската војна во Украина е поддржана од Кина. Ова се реалностите со кои Европа мора да се соочи“, изјави Каја Калас.

Таа додаде дека Кина и Русија разговараат за заедничко водење на промени во глобалната безбедносна архитектура што не се видени во последниот век.

„Путин, Ким и Си се појавија заедно во јавноста за прв пат, проектирајќи визија за мир низ цевката на пиштолот. Ова не е она што мирот значи за Европа“, рече високата претставничка на ЕУ. Си, Путин и Ким денес беа на голема воена парада во Пекинг.

„Во овој период на зголемени геополитички тензии, Европа треба да ја изгради својата моќ, да учествува како полноправен актер“, рече Каја Калас.

Војната во Појасот Газа е пример за ситуација во која не ја користиме нашата геополитичка моќ, рече таа, додавајќи дека тоа се должи на недостаток на единство.

Каја Калас ги повика земјите од ЕУ заедно да покажат политичка храброст.

Земјите од ЕУ не успеаја да се договорат за санкции против Израел и покрај катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, иако постојано ја осудуваат.

Оваа палестинска територија е опустошена од војната што ја водеше Израел против движењето Хамас, додека на крајот на август ОН предупреди дека има глад во Појасот Газа.

ИЗДВОЕНИ