
Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес изјави дека е потребен „најсилен меѓународен притисок“ врз Русија, по воздушниот напад врз Украина во кој загинаа најмалку 12 лица.
„Нападите од синоќа уште еднаш покажуваат дека Русија е решена да придонесе за страдањето и уништувањето на Украина“, напиша Калас на социјалната мрежа X.
Таа додаде дека е ужасно да се видат деца меѓу жртвите.
„Ни треба најсилен меѓународен притисок врз Русија за да се запре оваа војна“, рече високата претставничка на ЕУ.
Најмалку 12 лица беа убиени во руските воздушни напади врз неколку украински региони, неколку часа пред планираната размена на затвореници меѓу Русија и Украина.
Три деца беа меѓу жртвите на бомбардирањето во северозападниот украински регион Житомир.