Каја Калас: На Путин не може да му се верува дека ќе одржи какво било ветување

20
Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека ЕУ ќе продолжи да ја таргетира воената економија на Русија и дека следниот пакет санкции против Москва треба да биде готов до следниот месец, објави „Гардијан“.

Зборувајќи по виртуелниот самит на Европскиот совет за војната во Украина, еден ден по вонредниот состанок на украинските и неколку европски лидери со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Калас нагласи дека „единството меѓу лидерите на ЕУ на денешниот виртуелен самит беше опипливо“.

Таа додаде дека ги ставила темите за безбедноста на Украина и санкциите против Русија на врвот на агендата за разговорите следната недела меѓу европските министри за надворешни работи и одбрана.

„(Владимир, оп. а.) На Путин не може да му се верува дека ќе го одржи ветувањето или обврската. Затоа, безбедносните гаранции мора да бидат доволно силни и веродостојни за да ја одвратат Русија од прегрупирање и повторно напаѓање“, напиша Калас на социјалната мрежа „Икс“.

Единството меѓу лидерите на ЕУ на денешниот виртуелен самит беше опипливо.

Сите се посветени на траен мир што ги штити виталните безбедносни интереси и на Украина и на Европа.

— Каја Калас (@kajakallas) 19 август 2025 година

Калас истакна дека безбедносниот пакет ќе вклучува обука на украински војници, зајакнување на вооружените сили и развој на домашната одбранбена индустрија. Таа додаде дека санкциите ќе продолжат да бидат насочени кон руската воена економија.

ИЗДВОЕНИ