вторник, февруари 10, 2026
Дома СВЕТ Каја Калас: ЕУ составува список на отстапки што Русија треба да ги...

Каја Калас: ЕУ составува список на отстапки што Русија треба да ги направи за да обезбеди одржлив мир во Украина

74
Фото: EPA/TOMS KALNINS

Европската унија составува список на отстапки што верува дека Русија мора да ги направи за да обезбеди долгорочен мир во Украина, изјави денес шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

Разговорите предводени од САД за завршување на четиригодишната војна во Украина покажуваат мали знаци на напредок, објавува АП.

Руските сили употребија касетни бомби во нападот врз пазар во Украина во кој загинаа седум лица, додека претставниците од Москва и Киев се состанаа во Абу Даби минатата недела на уште една рунда разговори посредувани од САД. Разговорите не постигнаа никаков напредок, иако е договорена нова размена на затвореници. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во 2024 година рече дека може да ја заврши војната за еден ден, но подоцна рече дека му требаат 100 дена, сега им даде рок на Украина и Русија до јуни да постигнат договор.

ЕУ е убедена дека Русија не преговара сериозно и не верува дека администрацијата на Трамп ги претставува европските и украинските интереси, па затоа започна да работи на „одржлив мировен план“ што би можел да ја принуди Москва да преземе сериозен пристап кон постигнување договор.

„Тукушто видовме зголемено бомбардирање за време на овие разговори“, рече Каја Калас, додавајќи дека цел на напади е и украинската електрична мрежа, а оваа зима, која беше најстудената од почетокот на војната.

Калас нагласи дека ЕУ27 е „многу благодарна“ за американските дипломатски напори досега, но додаде дека за одржлив мир е потребно и сите на масата, вклучувајќи ги Русите и Американците, да разберат дека Европејците се неопходни за договор.

„И ние имаме услови. И не треба да им ги поставуваме на Украинците, кои веќе се под голем притисок, туку на Русите“, изјави Калас за новинарите во Брисел.

Таа додаде дека условите би можеле да вклучуваат барања Русија да ги врати илјадниците деца киднапирани од Украина, како и ограничувања за руските вооружени сили откако ќе заврши војната. Сепак, Русија инсистира украинските сили да бидат ограничени, потсетува АП.

„Не станува збор за украинската армија, туку за руската армија. Станува збор за руски воен отпад. Ако трошат толку многу на армијата, ќе мора повторно да ја користат“, рече Калас.

Се очекува нацрт-условите да бидат дистрибуирани до земјите-членки на ЕУ во наредните денови, за да може да се дискутира за тоа кога ќе се состанат министрите за надворешни работи на 23 февруари.

Калас рече дека Украина зависи од поддршката на САД и дека поради таа зависност била принудена да направи речиси сите отстапки.

„Притисокот врз послабата страна можеби носи побрзи резултати, но тоа е само изјава дека имаме мир, тоа не е одржлив мир. Тоа нема да биде гаранција за Украина или за некој друг дека Русија нема повторно да нападне“, рече Калас.

Таа рече дека Европејците не сакаат да започнат одделни мировни преговори, кои Русија веројатно би ги отфрлила, но дека е важно да се промени наративот.

„Сите сакаат оваа војна да заврши, освен Русите. Можеме да ги натераме навистина да сакаат да ја завршат оваа војна. Тие сè уште не се таму. За жал, тоа не е лесно решение“, рече Калас.

Таа се повика на проценките на разузнавањето дека претседателот Владимир Путин има тешкотии да најде регрути за да ја продолжи војната и рече дека санкциите на ЕУ ѝ штетат на руската економија, истакнувајќи дека инфлацијата таму е висока.

ЕУ, исто така, работи на забрана за поправки и други услуги за бродови што носат руска нафта. Таа се надева дека ќе добие поддршка од земјите од Групата седум во разговорите на Минхенската безбедносна конференција овој викенд, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ