
Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас објави дека ЕУ подготвува договор од 5,5 милиони евра со Европската фондација за демократија за поддршка на работата на „Радио Слободна Европа“, пренесе Бета.
Калас нагласи синоќа по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел дека во време на растечко, нефилтрирано новинарство, независното новинарство е поважно од кога било.
„Ова е краткорочно, итно финансирање наменето за безбедносна мрежа за независно новинарство“, рече Калас.
Брисел одлучи да помогне на „Радио Слободна Европа“ откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги запре грантовите за продемократските медиуми, обвинувајќи ги дека промовираат агенда со либерална пристрасност.
Сега, адвокатите на „Радио Слободна Европа“ се борат против американската администрација на суд.
Калас, според „АП“, изјави дека ЕУ нема да може да го пополни финансискиот јаз за радиото низ целиот свет, но дека сака да му помогне на медиумот „да работи и да функционира во оние земји што се во соседството [на ЕУ] и кои во голема мера зависат од вести што доаѓаат однадвор“.
Високата претставничка, исто така, рече дека се надева дека земјите-членки ќе помогнат со повеќе пари за поддршка на Радио Слободна Европа на долг рок.
Таа додаде дека ЕУ бара „стратешки области“ каде што може да помогне додека САД ја намалуваат странската помош.
Корпоративното седиште на „Радио Слободна Европа/Радио Либерти“ е во Вашингтон, а новинарското седиште е во Чешка, која ги предводи напорите за наоѓање средства.