– Неговото кафеанче „Кај Жабар“ покрај Вардар е мало, ама славно, поради најдобрата скара, специјалитетот жабји батаци и специфичната кафеанска атмосфера со скопски шмек. Како накратко да се опише кафеаната? Постојани гости од постарата, но и од помладата генерација. Анегдоти, вицови, боцкања, духовито зајадување. Се случувало некој од поранешните дипломати, редовни гости, да се качи и да игра на маса. А, како да не играш кога срцето ти го разигрува музиката на Живко Дуев и на Ванчо, кои веќе 17 години музицираа тука? – има напишано за него познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски.
Помалку е познато дека Жабарот стигнал и до УНЕСКО, со седиште во Париз. При прославата на шеесетгодишнината на оваа организација, тој послужувал македонски јадења, производи, вина, сирења, кашкавал…

Го нема повеќе Илија Саздовски-Жабарот. Тој почина во 2021 година, но остана да живее како една од скопските легенди што толку автентично знаеја да ги почувствуваат душата и срцето на градот, да го почувствуваат пулсот на она што го нарекуваме урбано живеење. И не само да ги почувствуваат туку и да ги креираат на свој особен начин. Жабарот беше, можеби, еден од последните автентични скопски боеми. Со него замина и еден голем дел од историјата на старо Скопје.
Скопскиот хроничар Данило Коцевски му посвети еден од своите записи токму нему.
– Имаше во него многу енергија, љубов и сила и никогаш не се жалеше себеси кога требаше да направи нешто за Скопје и за скопјани. Со Жабарот соработувавме долги години, искажувајќи постојно заемна почит. Разменувавме мислења, се раѓаа некои нови идеи, кои требаше заеднички да ги реализираме. Состаноците ги закажуваме во неговата кафеана и на нив доаѓаа и други луѓе, вљубеници во градот. Последен пат се видовме пред околу еден месец. Иако беше болен, повторно разговаравме за заедничката идеја, која тој многу порано ја предложи: да реализираме една исклучителна телевизиска емисија, еден вид „Скопје шоу“, која заеднички би ја конципирале и би биле нејзини водители. Со многу гости и со ексклузивен видеоматеријал. Искрено се радувавме за таа идеја. За жал, не стигнавме да ја реализираме – има раскажано Коцевски.
Во најпозната кафеана во Скопје, на Жабарот, доаѓаа многу луѓе само за да ги почувствуваат токму таа историја и тој дух на боемскиот живот.
– Неговото кафеанче „Кај Жабар“, покрај Вардар, е мало, ама славно. Поради најдобрата скара, специјалитетот жабји батаци и специфичната кафеанска атмосфера со скопски шмек. Како накратко да се опише кафеаната? Постојани гости од постарата, но и од помладата генерација. Анегдоти, вицови, боцкања, духовито зајадување. Се случувало некој од поранешните дипломати, редовни гости, да се качи и да игра на маса. А како да не играш кога срцето ти го разигрува музиката на Живко Дуев и на Ванчо, кои веќе 17 години музицираа тука – наведува Коцевски.
Тој додава дека Жабарот му раскажувал оти кај него доаѓале многу амбасадори и оти бил пријател со сите.
– Некои од нив, австрискиот Харолд Кочи или американскиот Лоренс Батлер, и денес кога се во Скопје, ме посетуваат – велел Жабарот.
Коцевски понатаму продолжува дека имало безброј анегдоти поврзани со познатите личности.
– Еден дипломат, кога бил во Охрид, го прашале што ќе порача за јадење: „Плескавица а ла Жабар“, одговорил. Познатата француска новинарка со арапско потекло, Домени Беруш (поради убавината, во кафеаната ја нарекувале Црната Венера), јадела огромно количество лути пиперки. „И ние, Македонците, јадеме луто“, велеше со чудење Жабарот, „ама ова беше нешто невидено“. Што да се прави? Луѓе, навики, обичаи. И тоа беше дел од атмосферата кај Жабарот – потенцира Коцевски.
Шмекот во кафеаната го чинеле, главно, постојаните гости: Лавот, Бабуш, Гуде, Боре, Златко…
– Не можат да се набројат сите. Миќо Евреинот имал обичај на шега да му каже на својот пријател Лабуд, кога ќе се најделе во центарот на градот: „Ајде да си одиме дома“. „Каде?“ „Кај Жабарот“ – нагласува Коцевски.
А сѐ започнало во 1954 година. Војската ја градела тогашната мала барака покрај Вардар за свои потреби. Илија Саздов- Жабарот, роден во 1951 година, и неговиот брат, Васе, таму, пред земјотресот, од рана возраст продавале лимонада. Тоа го правеле и на секој натпревар на стадионот.
– Но ,времињата се менуваа, од лимонада и оранжада мораше да се премине на помодерни пијалаци: „кока-кола“ и „кокта“. Дуќанчето постојано се реновираше, за во 1980 година да прерасне во кафеана од цврста градба – истакнува Коцевски.
Жабарот му ја раскажувал на Коцевски својата историја: „Ние живеевме во куќа блиску до кафеаната, тоа беше славно маало, тука живееја и семејствата Јаневи, Галиќ, д-р Робев, Хаџиманов, Тупурковски, Стојан Касапот, Венко Марковски, Лечиќ, Поленак, Ксенте Богоев, Љупчо Конзулот… Кај мене доаѓаа и многу славни личности од уметноста и естрадата, Тодорче Николовски, Шишков, Ненад Стојановски, доаѓаа и Борис Трајанов, Владо Светиев… Познатиот Тефо музицираше во кафеаната долги години“.
Првото музичко трио го сочинувале: Ангеле на гитара, Тефо на прим и кој друг ако не Жабарот – на дајре. Тогаш кафеаната имала само три маси со по три стола. Кога им пречела музиката на соседите, се симнувале долу, покрај Вардар.
Во 1992 година, Жабарот влезе во Одборот на бадникарите и таму даде свој придонес.
– Своевремено го прашав Жабарот од каде му е прекарот. Тој ми одговори со насмевка: „А каков прекар може да има дете израснато покрај река? Постојано бев во Вардар, се капев, а мајка ми викаше пред цело маало: „Излегувај од водата, жабо една“. Потоа дојдоа батаците и така настана прекарот – раскажува Коцевски.
Тој додава дека е помалку познато оти стигнал Жабарот и до УНЕСКО, вистинското УНЕСКО, со седиште во Париз. При прославата на шеесетгодишнината на оваа организација, тој послужувал македонски јадења, производи, вина, сирења, кашкавал…
Но, тој беше и страстен риболовец, каратист, крводарител и имаше добиено специјално признание, уметничка слика, за најдобар мотиватор при дарување крв.
(А. П.)












