Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека согласно со Законот за регистрирање готовински плаќања (ЗРГП), во текот на јуни и првата половина од јули 2025 година спровела вкупно 883 теренски контроли кај даночни обврзници на територијата на цела Македонија. Во споменатиот период, од вкупниот број контролирани даночни обврзници, утврдени се неправилности кај 294 субјекти, за кои се издадени налози за глоби.
За неиздавање фискални сметки се издадени 212 глоби, 49 глоби за неводење книга за дневни финансиски извештаи, 20 глоби за фискални сметки без пропишани елементи, 8 глоби за нерегистрирана резервна фискална апаратура, две глоби за неисправен фискален апарат, една глоба за неиздавање парагон-блок, една глоба за некористење одобрен фискален апарат, една глоба за неводење итна сметководствена книга.
Контролите биле насочени кон трговци, угостители во целата држава и кон субјекти што вршат дејност во туристичките места и на локациите со зголемена фреквенција на посетители, како што се угостителските објекти, аквапарковите, плажите, базените и објектите за изнајмување спортско-рекреативна опрема.