И покрај тоа што Македонија сè уште важи за една од најевтините дестинации во регионот, сепак, растот на цените на угостителските услуги последниве години ја симна од тронот. Граѓаните што често одат за викендите во Врање велат дека ручекот таму ги чини поевтино, а и храната е повкусна, особено скарата. Кај нас, едно седнување на ручек со семејството во кафеана ќе ве чини над 50 евра, а во Врање може да поминете и со 30 евра, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Инаку, Статистика покажа дека во декември лани, во споредба со тој период од претходната година ,цените во угостителството пораснале за 4,8 отсто. Најголем раст има кај цените на храната, алкохолните и безалкохолните пијалаци.
Така, во 2025 година, храната поскапела за 6 отсто, алкохолот за 6,9 отсто, а безалкохолните пијалаци за 5,9 отсто, додека пад е забележан кај цените на ноќевањата, од 0,2 отсто. Ова укажува на фактот дека хотелиерите и сопствениците на капацитети за сместување се обидуваат да ги задржат гостите со пониски или стабилни цени, додека трошоците за храна, пијалаци и за енергенси директно се прелеваат врз крајните цени на менито во рестораните.
Граѓаните што се чести гости во нашите ресторани и кафулиња велат дека и угостителските објекти, како и маркетите, почнале да ги менуваат цените секој месец.
– Порано редовно седнував на кафе со пријателите и еднаш неделно одев на ручек со семејството. Сега, не само одењето во кафеана туку и седнувањето на кафе и пијачка стана луксуз. За две кафиња и две води во едно кафуле во центарот на градот платив речиси 500 денари. Тоа е апсурдно со оглед на нашите плати – коментира еден скопјанец.
Така, ако порано едно еспресо чинеше меѓу 60 и 80 денари, денес во поголемиот дел од скопските кафулиња тешко може да се најде под 120 денари. Слична е состојбата и со храната во рестораните, каде што порциите се намалени, а цените зголемени за 30 до 50 проценти.
Угостителите, пак, се правдаат дека поскапувањето не е нивна желба, туку неминовност за опстанок. Според нив, главни причини за растот се зголемените цени на суровините, маслото за јадење, месото, кафето, високите сметки за струја и гас, недостигот на кадар… За да ги задржат готвачите и келнерите, кои масовно заминуваат на работа во Хрватска, Црна Гора, Грција… сопствениците се принудени да ги зголемуваат платите, што директно влијае врз крајната цена на производот.
– Притисокот од цените на суровините и на енергијата е константен. Иако се трудиме да не ги менуваме цените секој месец, корекциите на годишно ниво беа неопходни за да опстане бизнисот – велат сопствениците на угостителски објекти.
Тие посочуваат дека иако во текот на викендите изгледа дека кафеаните се полни, сепак, има промена во навиките: се нарачува помалку, а престојот е пократок.
Додека граѓаните чекаат стабилизација, угостителите најавуваат дека со новите најави за зголемување на минималната плата и со даночните реформи, тешко е да се очекува поевтинување. Напротив, „преживувањето“ на секторот, веројатно, ќе оди преку грбот на потрошувачите, а тоа значи дека кафеаните нема веќе да бидат достапни за народот и ќе станат ексклузивна привилегија само за оние со длабок џеб.
Економските експерти предвидуваат дека во 2026 година стапката на инфлација постепено ќе се стабилизира, но малку е веројатно дека цените во угостителството ќе се вратат на претходното ниво.
(А. С.)












