Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека на средбата со угостителите било договорено до 15 јануари тие да ги достават елаборатите за користење на урбаната опрема, која, како што истакна, досега, во изминатите години, не се наплаќала, со што, според него, конечно ќе му се стави крај на хаосот и ќе се воспостави ред

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави воспоставување ред за подобрување на работата на угостителите, но и за подобрување на севкупниот амбиент во градот, со воведување јасни правила.

Тој прецизираше дека на средба со угостителите, договориле секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за фрлање на отпадот, како и термин за собирање што ќе важи единствено за правните субјекти.

– Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање – информираше Ѓорѓиевски.

Воедно, и на претходните средби било усогласено да се избере советник за комуникација со угостителите.

– За советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и со кабинетот, по предлог на сите чинители во овој сектор, е избран Драган Арсовски, човек со долгогодишно искуство. Тој ќе биде мостот што ќе ја олеснува координацијата, ќе ги решава проблемите на терен и ќе обезбеди континуирано подобрување на условите за работа – објави Ѓорѓиевски.

Исто така, тој додаде дека било договорено до 15 јануари угостителите да ги достават елаборатите за користење на урбаната опрема, која, како што истакна, досега, во изминатите години, не се наплаќала, со што, според него, конечно ќе му се стави крај на хаосот и ќе се воспостави ред.

Според Ѓорѓиевски, на ваков начин се враќа ноќниот живот во Скопје, но се враќа и редот.

– Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и со креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и со вистинско партнерство со угостителскиот сектор. Скопје заслужува да биде град на културата, современиот урбан живот, но и на силната економија. Заедно ќе стигнеме до таа цел – заклучи Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ