По компромисот со угостителите, пушењето ќе остане забрането во внатрешноста на локалите, а терасите ќе можат да се користат само со минимум две отворени страни и контролиран проток на воздух. Министерот за здравство, Азир Алиу, нагласи дека останува забраната за електронски цигари во затворени простории, а продажбата на е-цигари со вкусови привлечни за младите ќе биде забранета. Угостителите ќе имаат преоден рок од една година за да ги усогласат своите објекти со новите правила. Во спротивно, ќе следуваат казни согласно со законот. Измените ќе мора да поминат собраниска процедура пред да почнат да се применуваат. Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Перица Голомеиќ, истакна дека угостителите инсистирале на забрана за пушење во затворен простор, но и на користење на терасите под јасни услови.
Владата и угостителите постигнаа договор за новите правила за пушење во кафеаните, рестораните и во баровите. По неколкунеделни разговори и реакции од сопствениците на локали, договорено е да се направи компромис околу условите за користење на терасите.
Според договорот, забраната за пушење во затворени простории останува целосна, што значи дека внатре нема да биде дозволено пушење цигари, електронски цигари или други тутунски и никотински производи.
Новината се однесува на терасите и на летните бавчи. Ќе биде дозволено пушење само во отворените делови што имаат најмалку две целосно отворени страни и обезбедено природно проветрување. Првичниот предлог предвидуваше три отворени страни, што предизвика реакции од угостителите, кои тврдеа дека голем дел од локалите нема да може да ги исполнат тие критериуми.
Со новиот компромис се очекува да се најде баланс меѓу заштитата на јавното здравје и одржливоста на бизнисите. Дел од техничките стандарди ќе прецизираат како смеат да бидат затворени терасите, дозволувајќи поставување прегради до одредена висина за да не се наруши протокот на воздух.
Угостителите ќе имаат преоден рок од една година за да ги усогласат своите објекти со новите правила. Во спротивно, ќе следуваат казни согласно со законот. Измените ќе мора да поминат собраниска процедура пред да почнат да се применуваат.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Перица Голомеиќ, истакна дека угостителите инсистирале на забрана за пушење во затворен простор, но и на користење на терасите под јасни услови.
– Ќе имаме можност да ги користиме терасите како и досега, но ќе треба да ги приспособиме според новите правила: да бидат отворени од минимум две страни и соодветно заградени заради безбедност и природно проветрување – изјави Голомеиќ.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска нагласи дека останува забраната за електронски цигари во затворени простории, а продажбата на е-цигари со вкусови привлечни за младите ќе биде забранета. Целта на законот е заштита на населението, особено младите, додека електронските цигари ќе бидат дозволени само со неутрални вкусови или со вкус на тутун.
– Не е прифатено барањето да се продолжи да се консумираат електронски цигари во затворени простории и цениме дека тие се исто толку штетни како и традиционалните цигари. Половично беше прифатена продажбата на електронските цигари со вкус, а таму има вкусови што директно се наменети за младата популација. Како држава, ние сме на врвот во Европа по консумирањето нетрадиционални или помалку штетни електронски цигари и ќе бидат забранети сите вкусови од благи до оние што се атрактивни за младите. Според направените анализи и според барањата, ќе дозволиме само да се продаваат електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун, сè со цел населението што веќе консумира традиционални цигари, да може да се префрли на електронски, а да не бидат наменети за младата популација. Тие ќе бидат строго забранети за продажба – рече Алиу.
Јавната расправа за законот е завршена, а надлежното Министерство ги разгледува сите забелешки доставени преку системот ЕНЕР. По финализирањето, законското решение ќе биде доставено на усвојување во Владата, а потоа на гласање во Собранието.
(С. Бл.)












