Дома КУЛТУРА „Кадифено“ новогодишен концерт на Зарина Првасевда – спој на традицијата и на...
Популарната македонска пејачка и музичарка, Зарина Првасевда, одржа прес- конференција по повод својот новогодишен солистички концерт (на 20-ти декември) со наслов „Кадифено“, од 19:30 часот, во Македонската филхармонија.
Македонската вокална интерпретаторка Зарина истакна на прес-конференцијата дека „Кадифено“ ќе биде едно мошне интересно музичко патување, кое ќе ги спои традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Покрај Зарина, беше присутен професорот, музичар и македонски виртуоз на виолина, Тони Арслан, како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
Овој концерт ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде што се преплетуваат интимниот и длабоко емотивен израз и македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
– Концертот, за мене, е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и од ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор, како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба туку и разговор, емоција и трансцедентност – раскажа Евгенија Здравевска, попозната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите на концертот од Турција, светски познатиот виртуоз на фретлес-гитара и уметник награден со „Греми“, Џенк Ердоган, и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан „беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје за повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над скопскиот аеродром, изјавија организаторите со жалење. Но, тоа е виша сила.
Инаку, Џенк Ердоган е композитор награден со „Греми“ и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на наградата „Yeşilçam“ за најдобар саундтрак и има настапувано со светски познати музичари како индискиот перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез-фјужн тапанар Дејв Врекл. Исто така, зад себе има турнеи во Европа и во САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист што свири на традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современите ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкусиски израз. Неговите настапи често се мешавина на енергија, игра и на ритам, што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етномузика, но и за оние што бараат модерно звучно искуство. Со тоа, Алан е мост меѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиска музика.
„Кадифено“ е концерт што ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и на меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно музичко доживување.