Девет држави во светот поседуваат нуклеарно оружје – САД, Велика Британија, Франција, Израел, Русија, Кина, Северна Кореја, Индија и Пакистан – и речиси сите продолжија со интензивните програми за модернизација до 2024 година, надградувајќи го постојното оружје и додавајќи нови верзии. Ова е еден од клучните наоди од извештајот за 2025 година на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Истражувачите на СИПРИ заклучуваат дека од вкупно проценетите 12.241 нуклеарни боеви глави во јануари 2025 година, околу 9.614 биле во воени залихи: или поставени на проектили, или лоцирани во бази со оперативни сили или во централни складишта од кои би можеле да бидат распоредени. Проценките велат дека околу 3.912 од овие боеви глави биле распоредени на ракети и авиони, а околу 2.100 од нив биле во состојба на висока борбена готовност на балистички ракети, пишува Дојче веле.
Речиси сите овие боеви глави, околу 90 отсто, припаѓаат на Русија или САД, но се проценува дека Кина сега може да има и некои боеви глави на ракети. Аналитичарите на СИПРИ предупредуваат дека повеќе држави размислуваат за развој или распоредување на нуклеарно оружје, во услови на обновени национални дебати за нуклеарниот статус и стратегија. Ова вклучува нови договори за распоредување нуклеарно оружје. Русија тврди дека распоредила нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, додека некои членки на НАТО во Европа покажаа подготвеност да бидат “домаќини“ на американско нуклеарно оружје.
Суштината е следна: светските нуклеарни арсенали се зголемуваат и се унапредуваат. СИПРИ проценува дека Кина сега има најмалку 600 нуклеарни боеви глави и дека нејзиниот арсенал расте побрзо од која било друга земја. Во текот на 2024 година, се верува дека Индија малку го проширила својот нуклеарен арсенал, додека Пакистан продолжи да развива нови системи за употреба на нуклеарно оружје – односно проектили и други воени платформи кои можат да се користат за лансирање нуклеарни боеви глави на цели. Во исто време, Пакистан продолжи да акумулира физиски материјал, кој е клучна суровина за производство на нуклеарно оружје.
Израел, кој изврши напади врз иранските нуклеарни постројки на 13 јуни, убивајќи воени лидери и нуклеарни научници, продолжува да крие информации за сопствените нуклеарни капацитети. Сепак, се верува дека е во процес на модернизација на својот арсенал, како и надградба на капацитетот за производство на плутониум во пустината Негев. Во средината на 1980-тите, бројот на нуклеарни боеви глави, бомби и гранати во светот беше многу поголем отколку што е сега – околу 64.000. Од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година и крајот на Студената војна, демонтажата на повлечените – оние отстранети од нуклеарниот арсенал, се одвиваше побрзо од распоредувањето на нови.
Сепак, судејќи според последните проценки, тој тренд се чини дека е обратен. „Нашата најголема загриженост е дека долгорочното намалување на бројот на нуклеарни боеви глави е при крај“, изјави за Доје веле директорот на СИПРИ, Ден Смит.
Иако е вообичаена практика државите кои поседуваат нуклеарно оружје да ги модернизираат и да ги подобрат своите капацитети, Смит вели дека овој процес се интензивирал на крајот на вториот мандат на поранешниот американски претседател Барак Обама (од 2013 до 20 јануари 2017 година) со поголеми инвестиции во новите генерации на ракети и носачи.
Во воведот во извештајот на СИПРИ за 2025 година, Смит предупредува на можноста за нова трка во нуклеарно вооружување која носи „многу поголем ризик и неизвесност“ отколку за време на Студената војна – првенствено поради вештачката интелигенција и новите технологии во областа на сајбер способностите и вселенските системи.
Вештачката интелигенција овозможува екстремно брзо да се обработат огромни количини на информации и теоретски тоа би требало да им помогне на носителите на одлуки да реагираат побрзо. Меѓутоа, ако има грешка во софтверот или во систем кој целосно се потпира на LLM, машинско учење и вештачка интелигенција, дури и помал технички дефект потенцијално може да доведе до нуклеарен напад. „Мислам дека мора да има црвена линија за која веројатно би се согласиле сите политички и воени лидери – дека одлуката за лансирање нуклеарно оружје не треба да биде донесена од вештачка интелигенција“, рече Смит, потсетувајќи се на советскиот потполковник Станислав Петров.
Во 1983 година, Петров бил на должност во советскиот команден центар за рано предупредување на нуклеарен напад, 100 километри јужно од Москва, кога системот пријавил лансирање на интерконтинентална балистичка ракета од САД, а потоа уште четири. За среќа, Петров се посомневал дека станува збор за лажна тревога и одлучил веднаш да не ја пренесува информацијата до синџирот на команда – одлука што веројатно спречила нуклеарен одмазднички напад, или во најлош случај, нуклеарна војна од целосен обем.
„Претпоставувам дека големото прашање е: кој во светот на вештачката интелигенција ќе ја игра улогата на потполковник Петров?“, праша Смит.