Каде се газдите што велеа: „Ако не ти се работи, има кој да те замени“?

Проблемот со недостигот на работна сила претставува сериозна закана за македонската економија. Некои компании со месеци бараат работници и не може да ги најдат. Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека проблемот е во односот на газдите кон работниците и ниските плати. – Дојде времето кога ако сакате да задржите некој работник, ќе мора да му понудите вистински услови, висока плата, а не само празни ветувања. Задржувањето на работникот не е луксуз, туку неопходност. Дојде крајот на времето кога мислеа работодавците дека им е бесплатен и лесно заменлив работникот – изјави за весникот ВЕЧЕР Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

2054

Недостигот од работна сила подолго време е еден од главните проблеми во македонската економија. Овој проблем е особено нагласен во летните месеци, кога голем дел од македонските работници одат на сезонска работа во странство. Поради тоа, голем дел од компаниите во државата со месеци бараат работници и не може да ги најдат. Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека за да се реши овој проблем, потребно е да се зголемат платите и да се подобрат условите за работа. Оттаму го поставуваат прашањето каде се сега оние газди што велеа: „Ако не ти се работи, има кој да те замени“?

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, вели за весникот ВЕЧЕР дека за да биде продуктивен, работникот мора да биде мотивиран, а за тоа му се потребни добра плата, подобри услови за работа и можност за напредок.

– Често слушаме како лелекаат работодавците, како им било тешко, како немале квалификуван кадар, а немаат кадар затоа што одбиваа добро да го платат работникот, кој сега наместо во Македонија, работи за повисока плата во некоја земја од соседството или подалеку. А, што се случи со оние исти газди што до вчера ни мавтаа со вратата и ни велеа: „Ако ти се работи, работи, ако не – има друг што ќе те замени“? Каде се сега тие? Ги нема, затоа што во многу сектори, и тоа го гледаме секој ден, имаме сериозен недостиг од квалификувана работна сила, младите заминуваат, а постарите одат во пензија. Газдите бараат продуктивност, а продуктивност нема не само поради немањето работници туку и поради недостигот на инвестиции и на нови технологии – вели Трендафилов.

Некои компании со месеци бараат работници и не може да ги најдат, бидејќи само во Македонија има луѓе што сакаат да бидат газди, а не сакаат да ги платат работниците.

– Никој не се нафаќа да работи за минимална плата, која е најниска во регионот и која газдите одбиваат да ја зголемат. Работниците бараат достоинство, бараат почитување, бараат баланс. И кога не ги добиваат, едноставно си одат, не ни доаѓаат да работат за такви газди. Дојде времето кога ако сакате да задржите некој работник, ќе мора да му понудите вистински услови, висока плата, а не само празни ветувања. Задржувањето на работникот не е луксуз, туку неопходност. Дојде крајот на времето кога мислеа работодавците дека им е бесплатен и лесно заменлив работникот – додава претседателот на ССМ.

И покрај недостигот на работници, сивата економија цвета, сè уште не се даваат фискални, на работниците им се даваат плати во плик, ги држат непријавени без здравствено и пензиско осигурување…

– Законите мора да се почитуваат, и точка. Ние сме тука да ги штитиме работничките права и да ги потсетуваме работодавците дека законите не се само „мртво слово“ на хартија. За жал, работодавците се обидуваат да ги платат работниците на разноразни начини, а да ја изиграат државата. Според некои студии, повеќе од 250 милиони евра на годишно ниво не се слеваат во државната каса поради неплатени придонеси или плата во плик – додава Трендафилов.

Од ССМ велат дека ќе продолжат со барањата за зголемување на минималната и на сите други плати, што сметаат дека ќе придонесе за зачувување на квалификуваните работници, плаќање на даноците и за искоренување на делот од сивата економија преку плаќање на придонесите за задолжителното социјално осигурување.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ