Во недела, насред бел ден, непознати сторители извршија смел грабеж во музејот Лувр во Париз – еден од најпосетуваните музеи во светот.
За помалку од десет минути, тие зеле осум парчиња непроценлив накит, а потоа избегале со скутери низ градските улици.
Иако наликува на филмско сценарио, експертите за меѓународен уметнички криминал тврдат дека мотивот не е романтичен, туку материјален. „Ова не е грабеж за слава, туку за вредноста на скапоцените камења и метали“, пишува Гардијан.
„Можеби се прашувате зошто провалиле во Лувр, а не во Картие. Одговорот е едноставен – продавници како Картие имаат подобра заштита денес“, објаснува Кристофер А. Маринело, водечки експерт за враќање на украдена уметност.
Меѓу украдените предмети се ѓердан и обетки од свадбениот сет на Наполеон за Мари-Луиз, брош што ѝ припаѓал на царицата Евгенија и тиара од сафир и дијаманти со речиси 2.000 дијаманти. За време на бегството, една круна наводно била фрлена покрај патот.
Ваквите напади не се ретки – слични грабежи се регистрирани и во Германија, Велика Британија и САД. „Гледаме ист образец: крши, зема, топи“, вели Маринело, потсетувајќи на кражбата од Музејот во Дрезден во 2019 година и златната тоалетна школка од палатата Бленхајм истата година.
Експертите предупредуваат дека музеите станале поранливи по пандемијата, поради намалените буџети и застарената опрема. Според информациите од државниот извештај, Лувр има „значајни доцнења“ во модернизацијата на безбедносните системи и недоволно камери во одредени простории.