КАДЕ ЌЕ СЕ ВОДАТ НАЈГОЛЕМИТЕ ИЗБОРНИ БИТКИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ?: Чаир, Тетово, Гостивар, Струга, Кочани… политички бојни полиња

71

Претстојните октомвриски локални избори, извесно, се од решавачко значење за голем дел од партиите, но и за нивните лидери и кандидати. Поради тоа, се случуваат и кандидирање на највредните партиски кадри, најави за тешки градоначалнички дуели во општините, како и сè пожестоки меѓусебни обвинувања и обиди за дискредитација на противкандидатите. Веќе започнатата кампања како уште сега да почнува да зоврива, со што стануваат непредвидливи последиците што би можеле да се случат на гласачките места. Оттаму и прашањето дали уште сега се знаат општините во кои ќе се водат најголемите изборни битки, но и општините во кои ќе постојат ризици од предизвикување инциденти на гласачките места. Овие дилеми се наметнуваат и покрај фактот што досегашните анкети покажуваат големи разлики во определбите на граѓаните во прилог на најголемата владејачка партија наспроти најголемата опозициска партија во македонскиот изборен кампус. Но, ситуацијата во албанскиот корпус на избирачи не е таква, туку оди во прилог на опозицијата, која не може да се чувствува како победник, бидејќи владините партнери се договорени за меѓусебна поддршка. Таква една атмосфера прави фокусот на важноста да се префрли на значењето на изборната победа во неколку општини во земјава.

Градот Скопје, скопските општини Чаир и Центар, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, но и општините какви што се Кочани, Струмица и уште некои други, се чини, уште сега се означуваат како најважни за некоја партија или коалиција да може да се чувствува како победник или, пак, како помал губитник. Политичките аналитичари сметаат дека, и покрај предноста што ја има Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во анкетите, важно ќе биде вкупното гласање.

– Скопје е главниот град на државата, кој секогаш е индикатор кон кој идеолошки правец се движи државата: кон левицата или десницата. Значи, тоа е единица на локалната самоуправа која, на некој начин, навестува кој ќе победи на следните парламентарни избори. Затоа главниот град е од најголемо значење за македонските партии – оценува аналитичарот Џелал Незири за весникот ВЕЧЕР.

Се решаваат судбини

Според Незири, ќе биде важно и гласањето во Кочани, поради последиците врз расположението на граѓаните по ужасниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 62 млади лица. Односно дека Кочани носи силна симболика поради невидената трагедија, која е последица на лошо владеење. Од друга страна, во јавноста уште сега се навестува значењето на изборниот дуел во македонскиот блок, кој ќе се води за градоначалник на скопската општина Центар, но и во Струмица. Во Центар, дуелот меѓу кандидатот на СДСМ и на движењето ЗНАМ е важен поради фактот што двете групации претендираат на слична изборна база, но неизвесноста е од фактот што партијата на Максим Димитриевски ќе ја има поддршката и на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ. Струмица, пак, е важна за најголемата опозициска партија, СДСМ, оти се смета за нејзин бастион, но сега е дилемата како ќе се одрази на нејзините гласачи незадоволството на нејзиниот досегашен градоначалник, Костадин Костадинов, кого партијата реши да не го поддржи за уште еден мандат.

Остри и тешки обвинувања речиси секојдневно се упатуваат меѓу најголемите ривали во албанскиот блок, во случајот со изборната трка за градоначалник на Чаир. Коалицијата „Вреди“, која стои зад актуелниот вицепремиер Изет Меџити, и вчера го обвини противкандидатот од ДУИ, ексминистерот Бујар Османи, дека „ќе му заврши празниот кариеризам без проекти и без резултати, дека е амнестиран за криминал“. На ова, од таборот на Османи возвраќаат дека Меџити не смее да се врати во Чаир, во општината што своевремено ја „претворил во приватна фирма за лично богатење“.

– Чаир не е само општина туку и политичко бојно поле, каде што ќе се реши судбината на ДУИ и на „Вреди“ – смета аналитичарот Незири.

Ова е од причина што евентуалната победа на опозициската ДУИ во Чаир и во Тетово, односно нејзиното освојување на значително поголем број гласови, ќе го зголеми притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ за распишување вонредни парламентарни избори, со цел интегративците подоцна да станат претставници на албанскиот народ во Владата.

– Освен општините каде што ќе гледаме идеолошка трка, на овие избори ќе имаме и арена на судир на етничките концепти во најмалку три општини. Првата и најзначајна е Кичево, која од 2013 е водена од градоначалник на ДУИ, а каде што сега ќе има и кандидати од ВМРО-ДПМНЕ и од “Вреди“. Втората општина е Брвеница, која од 2021 е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, иако етничките Албанци доминираат, исто како и во Општина Чашка. Кичево мислам дека ќе биде најжешката политичка арена од причина што многу му е потребна на премиерот Мицкоски за да ја зачува и зацврсти тоталната доминација во македонскиот политички блок – објаснува аналитичарот Незири.

Инцидентите како потенцијална опасност

Важноста на изборните победи во овие, како и во општините Тетово, Струга и Гостивар, ги засилува и стравувањата за случување изборни инциденти. Во изминативе изборни циклуси во земјава беа забележани и тешки инциденти, во кои имаше и жртви и ранети лица. Во последниве циклуси на парламентарни и на локални избори, инцидентите беа намалени, но нерегуларностите, сепак, беа присутни. На локалните избори во 2021 година, Државната изборна комисија, во вториот круг, особено внимание и контроли им посвети на гласачките места во Сарај и во Чаир, каде што во првиот круг имаше инциденти со групно гласање, купување гласови, закани кон набљудувачи, „бугарски возови“, како и други манипулации во изборниот процес. Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ и од ОДИХР во ланскиот извештај за парламентарните избори наведоа дека тие биле „конкурентни, при што се почитуваа основните слободи“.

– Но, процесот останува недоволно регулиран, а изборното законодавство обезбедува соодветна рамка за одржување демократски избори, но празнините ја загрозуваат правната сигурност, поради што е потребна нивна ревизија. За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста, што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ – изјави тогаш шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилјиан Стирк.

Набљудувачите потенцираа и тоа дека „честите наводи за купување гласови во предизборниот период пред гласањето влијаеле на довербата во процесот и дека во неколку случаи избирачките одбори не се придржувале целосно кон пропишаните процедури при пребројувањето на гласовите“.

Аналитичарот Незири вели дека државните органи мора да бидат на ниво на задачата.

– ДИК, полицијата и другите надлежни треба да се на ниво на задачата за да се спречат и најмали можни инциденти. Во спротивно, ќе ѝ се нанесе огромна дамка на државата, која потоа ќе биде дополнителна пречка за членство во ЕУ – предупредува тој.

Најтешки инциденти

Во изборната историја се забележани два тешки инцидента. Во првиот, во 2000 година, се случи првото убиство во текот на кампањата за тогашните локални избори. Тогаш се случија пукотници на повеќе изборни места во скопско Кондово. Беа ранети три лица и едно од нив, Фатмир Јакупи, подоцна почина. Вториот смртен случај беше во текот на вонредните парламентарни избори во 2008 година, во Арачиново. Во текот на гласањето се случија пукотници, по кои настрада Насер Ајвази, а пукање и ранети лица имаше и во Чаир, во Бутел…

 

ИЗДВОЕНИ