По повод новогодишните празници, денеска, во ООУ „Владо Тасевски“ во населбата Козле се одржа хуманитарната новогодишна претстава „Каде исчезна Дедо Мраз? – Бајка во дигитално време“.
– Наставниците и стручната служба на училиштето се најдоа во улога на Дедо Мраз, ликови од бајките и Гринч, и со претставата испратија силна порака за хуманост, солидарност и заедништво. Инаку, овој настан беше организиран со цел да се соберат средства кои ќе се наменат за третмани и за лекување на ученик од прво одделение – соопштија од Општина Карпош.
Оттаму додаваат дека донациите се реализирале преку купување хуманитарни карти, како и преку донациски кутии поставени во училиштето, што овозможило вклучување на пошироката училишна заедница.
– На настанот, по покана на организаторите, присуствуваше советникот од Општина Карпош, Александар Петровски, и надлежниот просветен инспектор, кои со своето присуство ги поддржаа хуманитарната иницијатива и ангажманот на училиштето – велат од локалната самоуправа, нагласувајќи дека ООУ „Владо Тасевски“ уште еднаш покажало дека покрај образовната улога, активно гради вредности на емпатија, општествена одговорност и грижа за секое дете.












