Не е вештачка интелигенција видеото на кое се гледа како млади луѓе се возат, повеќе надвор отколку внатре во автомобилот, по улицата „Борис Сарафов“ во општината Ѓорче Петров, во насока кон Запад. На снимката, која, според коментарите од граѓаните била со намена да се објави на социјалната мрежа „Тикток“, се гледа како млад човек игра качен на хаубата од автомобилот, друг е излезен надвор од совозачкото седиште, третиот е во истата поза ама е излезен од задното седиште и мавта со регистарска табличка, а четвртиот вози со голема брзина. Сето тоа се снима со телефон од друго возило. Видеото предизвика негативни реакции во јавноста, граѓаните го осудуваат дивеењето по улиците и бараат од полицијата засилена контрола.
„Без регистарски таблички и без возачка дозвола. По булеварот се дивее секоја минута, нема никаква контрола, од три ленти прават пет, со автомобилите од десна страна се претекнува. Се прашуваме дали воопшто има полиција и некаква контрола во Скопје? Во зона со дозволени 70 километри на час се вози со 170. На овие деца ќе им биде кажано во полициска станица – сега немој да правите вака не е убаво за јавноста – и пак автомобилот без регистрација ќе им биде вратен“, коментира граѓанин по информацијата од МВР дека работат на расчистување на случајот.
„МВР веднаш презеде мерки и активности и лицата се пронајдени, извршен е службен разговор и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила. Против возачот С.З. (20) од Скопје е поднесена пријава поради превезување лице на надворешните делови од возилото, возење без возачка дозвола и управување возило без регистарски таблички. Против лицето што стои на хауба, Р.Ѓ. (19) од Скопје, бидејќи му дал на првопријавениот да управува возило без возачка дозвола и со тоа прави дејства со кои ја загрозува безбедноста“, соопштија од полицијата за случајот.
Се огласи и министерот за внатрешни работи: „Нема храброст во ризикување животи за неколку секунди внимание на социјалните мрежи. Овој случај нека биде потсетник дека секое непромислено однесување ќе биде санкционирано“.
Казнувањето како превенција очигледно не ги дава резултатите, а тоа е да се промени сообраќајната култура и да се зголеми свеста за поголема одговорност, особено кај младите возачи. Граѓаните не се чувствуваат безбедно да се движат дури ни по тротоарите на булеварите или по поголемите улици и бараат сообраќајната полиција нонстоп да биде присутна.
„Со оглед на тоа што ’Партизанска’ е улица со најголем број сообраќајни несреќи, на оваа улица би требало да патролираат полицајци ден и ноќ без престан, а не да дознаваат од видеа што ги снимаат за „Тикток“, небаре ’Партизанска’ е маалско сокаче“, скопјанка го искажува својот револт од слабата контрола по улиците. Граѓанскиот бунт против сообраќајното дивеење се прелеа во протести на почетокот на годината по прегазувањето на младата Фросина Кулакова од страна на Васил Јованов, кој возел без дозвола со голема брзина на булеварот „Партизанска“. Тогаш властите, секоја со своите надлежности, се заложија дека ќе се заостри законската политика и казнивоста, но се случи пожарот во Кочани и како сето тоа да се подзаборави. Полицијата го одложи пуштањето во употреба на проектот Безбеден град за една година поради менување на неколку закони. Поголем дел од камерите се веќе поставени на семафорските столбови, снимаат, но не испорачуваат казни. Дотогаш само ќе се восхитуваме на европските примери како што е тој со главниот град на Финска, Хелсинки, каде цела година немало сообраќајка со жртва. Таму клучната промена била драстичното намалување на дозволената брзина на половина од улиците – особено околу училишта и градинките – ограничувањето е 30 километри на час, а дозволената брзина во градот била 50 км/ч. Покрај тоа, безбедноста се зголемила преку почести контроли на брзината и подобро управување со сообраќајниот проток. Големо внимание било посветено и на образованието на децата за безбедно учество во сообраќајот, со цел да се заштитат најранливите – пешаците и велосипедистите. Бројот на пешачки премини бил зголемен, исто како и мрежата на безбедни патеки за велосипеди, подобрувањето и проширувањето на јавниот транспорт одиграло клучна улога – сѐ повеќе граѓани го оставаат автомобилот дома и користат автобуси, трамваи и метро, објавија странските медиуми за овој сообраќаен феномен.
Дека на каприците во сообраќајот во земјава им нема крај покажа и последниот пример на популарното дрифтање со луксузни автомобили што се случило на паркинг во Струга. Полицијата наишла на отпор од организаторите на оваа појава која освен што го загрозува сообраќајот го загадува и воздухот, па повикале засилување. Одземени биле пет возила поради преголема бучава.
„Веднаш по пријавување на случајот, полициски службеници од Струга излегле на местото и затекле повеќе од 500 лица и околу 120 спортски и луксузни возила, кои наводно изведувале изложба. Лицата не постапиле по наредбите на полициските службеници, по што биле ангажирани дополнителни служби и состојбата била ставена под контрола. Притоа, биле одземени пет возила, а биле констатирани и осум други прекршоци“, објави полицијата. Според статистиката, сообраќајните несреќи од година во година се во голем пораст, особено во летниот период кога фреквенцијата на возила е поголема. (П.А.)