Кабинетот на Сиљановска за ВЕЧЕР: Може да очекуваме и идентификување на евентуалните сторители на пожарите

15

Може да очекуваме и идентификување на евентуалните сторители, утврдување на нивната одговорност и нејзино санкционирање за пожарите, соопштија денеска од Кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Во одговорите на наши новинарски прашања од весникот ВЕЧЕР околу последните инциденти со серија на пожари во скопскиот регион се наведува дека Сиљновска будно ја следи состојбата.

-Се покажа дека е тешко, но не и невозможно истовремено да се справите со три големи пожари, доколку ги мобилизирате сите расположливи човечки ресурси и средства, ако имате добра организација и ако сте пожртвувани во одбраната на општото добро. Претседателката будно ја следи состојбата и секојдневно е во тек со активностите на ЦУК, ДЗС, противпожарните единици, полицијата и војската на „Вардариште“ и „Дрисла“, како и со оние, што се однесуваат на справувањето со пожарот во приватната фирма за менаџирање со електронски отпад кај Трубарево-  се наведува во одговорот на Кабинетот.

Се додава дека на 9.9.2025 таа ја потпишала Одлуката за кризна состојба со важење од 30 дена, по која, инженериските единици и војниците повторно се вклучија во борбата со огнената стихија. За нивниот ангажман, таа добива секојдневни информации од началникот на генералштабот, генералот Сашко Лафчиски. На вчерашната средба, премиерот ја известил дека теренот е под контрола, односно, пожарите се изгаснати, а загадувањето е сведено на нормални вредности.

– АНБ и АР ја информираа претседателката дека пристапиле кон темелна проверка на наводите за диверзии и хибридна војна, во рамките на својата законски утврдена надлежност. Претседателката секогаш ги консултира членовите на Советот пред да свика седница, како и надлежните органи и служби. Во моментов се одвиваат активности насочени кон откривање на причините за пожарите, санирање на последиците и превенирање на слични инциденти.  Се разбира, може да очекуваме и идентификување на евентуалните сторители, утврдување на нивната одговорност и нејзино санкционирање. За свикување и одржување на седница се потребни релевантни информации и подготвени материјали –нагласуваат од Кабинетот на македонската претседателка. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ