
Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ (25) е на пат да го напушти Јувентус, но раководните лица сè уште се обидуваат да најдат начин како да стават крај на соработката.
Влаховиќ не е во плановите на Игор Тудор, па затоа е отпишан веќе некое време и не играше на Светското клупско првенство. Со доаѓањето на Рандал Коло Муани, а потоа и на Џонатан Давид, стана јасно дека Влаховиќ повеќе нема место во Торино.
Тој одби нов договор со помала плата, остана упорен во добивањето 12 милиони евра за преостанатата година од договорот, а во исто време ги отфрли богатите понуди од Турција и Саудиска Арабија.
Влаховиќ дури ризикуваше да биде испратен на трибините и на клупата до крајот на сезоната, но беше подготвен за тоа. Сепак, се чини дека е најдобро за него да оди во клуб каде што ќе игра редовно.
„Старата дама“ вредно бара купувач за 25-годишниот српски напаѓач, а неговата вредност ја проценува на 20 мил. евра. Тоа изгледа многу примамливо со оглед на квалитетите на Влаховиќ и дека е во своите најдобри играчки денови. Доколку потпишеше нов договор, веројатно ќе чинеше неколку пати повеќе.
Јувентус го дава за ниска цена, само за да го реши ова прашање. Во јануари 2022 година, Влаховиќ пристигна од Фиорентина за 83,5 мил. евра, а минатата сезона постигна 17 гола и запиша пет асистенции на 44 клупски натпревари.
Новиот тренер на Милан, Масимилијано Алегри, му понуди добар предизвик во Милано, но Влаховиќ сметаше дека шест милиони евра за една година се премалку, а толку наводно му нудеа на „Сан Сиро“.
Неговите агенти треба да најдат договор со Јувентус, а во еден момент „старата дама“ беше подготвена да го раскине договорот на играчот на нивна штета.
Сега им останува надежта дека некој ќе понуди 20 мил. евра и ќе го земе Влаховиќ, но секако ќе мора да му понудат на играчот соодветна плата, а се чини дека секое евро му значи нешто на Србинот…