Управниот одбор на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, го прифати барањето на синдикатот СУТКОЗ да се зголемат платите на вработените во ова скопско јавно претпријатие. Зголемувањето ќе стартува со јунската плата.
– Во новиот Правилник за плати е применет Општиот колективен договор за јавен сектор со што работниците добиваат коефициенти на сложеност за своите работни место согласно со платата, започнувајќи со исплатата на јунската плата која ќе им биде зголемена од 4.900 до 6.200 денари – нагласуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Ваквото зголемување на платите е резултат на активностите на синдикатот СУТКОЗ, кој во изминатиот период работеше за работниците, преговараше, поднесуваше пријави, организираше протести кои го дадоа посакуваниот резултат и со прифаќањето на предлогот на СУТКОЗ за пресметка на платите по методологијата просечна плата по коефициент на сложеност на работните места, платите се зголемуваат.
За жал, и покрај донесената одлука од Управниот одбор на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, вработените во фирмите ќерки „Флораком“ и „Луна“ сè уште немаат добиено плата, иако беше ветено дека тоа ќе се случи во исто време со вработените во „Паркови и зеленило“.
– Поради тоа, утре СУТКОЗ и вработените ќе одлучат за идните чекори за протест и евентуален штрајк. На работодавачите им укажуваме дека сè уште има можност до распишување на локалните избори да се утврди зголемување на платите на сите работници во јавниот сектор – велат од ССМ.