„Југо Флорида“ најдобар филм на „Синедејс“; Доделени наградите на 24. Фестивал на европски филм

41

„Југо Флорида“ на Владимир Тагиќ ја доби наградата за најдобар филм во официјалната конкуренција на 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“.

Како што истакнува жири-комисијата која одлучуваше за добитниците на наградите од Официјалната конкуренција во состав: Сара Климовска – актерка од Македонија, Арсен Оремовиќ, режисер од Хрватска и Алеш Павлин, режисер од Словенија, „Југо Флорида“ е реалистичен филм кој тивко бара зрно надеж во сивиот секојдневен живот. „Гради свет кој понекогаш се чини дека постои на границата помеѓу сонот и реалноста – без потреба да ги раздвојува двата – оставајќи суптилна трага од апсурден хумор низ целиот филм. Оваа фино избалансирана двосмисленост, во комбинација со ненаметнат реализам, му дава на филмот сила и автентичност, се додава во образложението. Специјално признание за неговата извонредна изведба во филмот доби Андрија Кузмановиќ.

Наградата за најдобро сценарио ја доби филмот „Вена“ на Кјара Флајшхакер бидејќи „нуди интимен и емпатичен приказ на патот на една млада жена кон мајчинството, градејќи силно чувство на блискост со хероината без да се лизне во сентименталност“, додека наградата за најдобра режија му припадна на Уршка Џукиќ за остварувањето „Проблематични девојки“.

„Режијата – особено во однос на кадрирањето и на монтажата – го конструира светот на младата хероина преку економични, но јасно промислени, доследни и прецизни избори. Филмот го следи будењето на нејзината сексуалност во контекст на строго мајчинско воспитување и црковна средина. Неговиот изразен поетски пристап, кој се граничи со експерименталното, создава впечаток на мистерија и елеганција“, се посочува во образложението на жирито за филмот „Проблематични девојки“.

За филмовите во СЕЕ-програмата, пак, одлучуваше жири комисија во состав: Ана Опачиќ, режисерка од Хрватска, Фатос Бериша, режисер од Албанија и Јасмина Карајловиќ, продуцентка од Црна Гора за филмовите во СЕЕ-програма. Притоа наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја поделија два филма – „ЕРА“ на Петра Келменди и „Оче Наш“ од Горан Станковиќ.

Во образложението на жирито се вели: „’ЕРА’ зборува за украдената младина на почетокот на војната во Косово, тема што ретко се обработува, иако во текот на 90-тите години доживеавме многу настани од ваков вид, период на растечка тензија и човечки пропаст. Со минималистички дијалог и прецизен режисерски пристап, режисерката покренува и одговара на многу дилеми“.

–„Оче Наш“ ги поместува границите на балканскиот филм со тоа што регионалната кинематографија ја поставува на следно ниво. Од Дантеовиот почеток до целосно развиените ликови, филмот ја одразува зрелоста на Станковиќ како режисер. Тој ги доведува во прашање авторитетот и дисфункцијата на системот што им овозможува на поединците да ја злоупотребуваат ранливоста на оние на кои им е потребна помош. Филмот, на крајот, прашува: колку вреди една личност во таков систем и дали преживувањето е поврзано со припадноста на група од иста ориентација?, додава жири-комисијата.

Специјално признание од жирито доби филмот „Месо“ од Димитрис Накос, кој е „храбро патување во едно грчко село и менталитетот на една мала средина лесно обликувана од лажни процени, погрешни толкувања и брутален воајеризам“.

Во осумте фестивалски денови, „Синедејс“ прикажа повеќе од 50 европски наслови, имаше две концертни вечери и преку 3.000 присутна публика, соопштија организаторите на фестивалот, кој е поддржан од Агенцијата за филм, како и од Град Скопје, програмите „Лајвјуроп“ и „Јуропиан филм фестивалс“ на Креативна Европа.

ИЗДВОЕНИ