Документарни и долгометражни филмови посветени на културното и духовното наследство и на хуманоста, како и форуми за хумани вредности, ќе бидат дел од десеттото јубилејно издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, што ќе се одржи од 5 до 14 декември во Скопје. Фестивалот, кој ќе биде отворен вечерва (5 декември), во 19 часот во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, се одржува со благослов на архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, и почесниот претседател на фестивалот, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј.
– Годинава, фестивалот одбележува 10 години од основањето. Посветен е на духовните, хуманите и на културните вредности и е единствен од ваков жанр во државава. За време на фестивалот, ќе имате можност да се поклоните пред чудотворната икона на Пресвета Богородица „Небесна Царица“, која митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, ја отстапи од Битола во Соборниот храм да се целива во чест на фестивалот „Богородичен покров“. Влезот е слободен, а учеството треба да се пријави на мејлот [email protected]. На секој што ќе испрати мејл, по завршување на фестивалот ќе му бидат споделени во електронска форма цитати од Божјите ветувања за исцеление запишани во Библијата и во псалмите кои се исцелителни молитви, вели основачот и директор на фестивалот, Зорица Костовска.
По свеченото отворање, фестивалската програма на 5 декември ќе стартува со проекција на рускиот документарен филм „Воведение во храмот“, во продукција на „Студио неофит“. Филмот во времетраење од 38 минути ги истражува потеклото и духовното значење на празникот, историјата и традициите на овој патронен празник на манастирот на Оптинската пустина.
На 6 декември, пак, во соборниот храм во 16 часот ќе се одржи форум за хуманитарни вредности „Знаењето е здравје“, по што ќе биде прикажан документарниот филм „Успение на Пресвета Богородица“, во времетраење од 39 минути. Филмот е снимен во Псковско-Печевскиот манастир, наречен „Свето Успение“ и е посветен на Успението на Мајка Богородица, познат и како „Велигден на Богородица“.
Во рамките на фестивалската програма ќе бидат прикажани и долгометражниот филм „Варава“, документарецот „Раѓање на Богородица“, документарно-играниот филм „Светиот Арипелаг“, како и документарците „Приказни од Атос“, „Стела“, „Доброчинител“, чии проекции ќе бидат на Европскиот универзитет во Скопје.
На затворањето на фестивалот, на 14 декември ќе биде прикажан долгометражниот игран филм „13-от ДЕН“, историска драма во продукција на „13 DAY“ Films од Обединетото кралство.












