Со претставата „Лимениот барабан“, според антологиското дело на германскиот нобеловец Гинтер Грас, во режија на Васил Христов и во изведба на Југословенско драмско позориште од Белград, вчеравечер, во Македонскиот народен театар, стартуваше годинашново јубилејно 50. издание на Млад отворен театар (МОТ). Полната сала и аплаузите на присутните се доволен доказ дека МОТ и годинава со својата програма е атрактивен, актуелен и го привлекува вниманието на публиката.

– 50. издание на Млад отворен театар – педесет години современ дух, уметничка слобода и театар кој менува! Од 1976 до денес, МОТ е повеќе од фестивал, тоа е културен континуитет, сцена на нови гласови и простор каде младоста, визијата и уметноста се среќаваат во експеримент, ризик и страст. Ова издание го посветуваме на македонските автори, режисери и актери кои творат надвор од границите на Македонија, а чии дела го носат духот на нашата култура на светските сцени. Притоа публиката има можност на домашната сцена да ги види нивните најнови претстави, создадени во театарските куќи во регионот и пошироко, беше посочено од Младинскиот културен центар, организатор на МОТ чие годинашно мото е „Нашите во светот“.

Така, вечер, македонската публиката има можност да ја види претставата „Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар. Се работи за дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски. Од вечер, во холот на Младинскиот културен центар, јавноста ќе има можност да ја погледне уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на македонскиот архитект и сценограф Костантин Трпеноски, кој живее и работи во Виена, а кој соработуваше на претставата „Лимениот барабан“ со Христов.

Утревечер (21 ноември), пак, ќе биде прикажана претставата на Ѓорѓи Ризески, „Поручникот од Инишмор“, во изведба на Адриана театар од Урошевац, Косово.

– Ова е морничава, гротескна, злобна, бајковита приказна во која нема возрасни, само луди, злобни деца, што ја прави уште побизарна. Тоа е бизарен свет каде што мачките се малку поважни од луѓето. Театарската претстава во основа зборува за љубовта на многу чуден начин, бидејќи ги истакнува сите спротивности, сите контрасти на љубовта… велат од МКЦ.

Следуваат и претставите на Јана Маричиќ – „Коштана“, поставена во Народно позориште во Ниш, Србија, на Ана Батева – „Кучето се засмеа“, која игра во Спам театар во Софија, Бугарија, на Совран Нрецај – „Граница“, ОДА Театар Приштина, Косово, на Искра Шукарова – „Врба“ и на Агнес Нокшиќи – „Слугинки“. Во придружната програма, публиката ќе може да ужива во имерзивниот ВР- перформанс на Нина Николиќ и на Борјан Стојков, со наслов „Ехо од длабочината“, како и во концертите на музичките состави „Звада“ и „Дис ис нот“ од Косово, во рамките на музичката блок-програма на МОТ (21 ноември, 22 ч.). Фестивалот ќе биде затворен со „Мајката храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Новосадско позориште на 25 ноември. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ