На малата сцена во Македонскиот народен театар, на 22 октомври, во 20 часот, ќе биде одиграна јубилејна 50. изведба на монодрамата „Торонто експрес“, работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф и во режија на Јордан Симонов. Во претставата игра Александар Микиќ.

„Торонто експрес“ е агенција за помош при емиграција во Канада, чија цел е да се убедат сите Македонци колективно да се иселат во ветената земја. Адаптацијата на текстот ја направија Благоја Бошковски, Микиќ и Симонов.

Александар Микиќ со специфичен актерски израз, прецизен хумор и суптилна чувственост, остава силен и препознатлив печат во претставата. „Еден од најголемите предизвици за актерите е да играат во монодрама. Се осмелив сам да застанам на сцена и досега 50 пати ја имам изведено „Торонто експрес’. Презадоволен сум од фактот дека успеавме да стигнеме до оваа бројка, што е доказ дека публиката феноменално реагира на претставата“, вели актерот Александар Микиќ.

„’Торонто експрес’ (Тибам штркот апдејт) е документаристичка стрип-проза, фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус, ’водич’ за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели авторот Спасов, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Оваа феноменално духовита и извонредно напишана книга, зад хуморот крие тажна приказна. Иако и книгата и претставата ги насмејуваат читателите и гледачите, пораката боли.

„Колегата Микиќ ми даде да го прочитам романот на Зоран Спасов, кој ја раскажува приказната за македонската емиграција во Канада, напишан на современ и хумористичен начин, многу близок на мојот сензибилитет. Сфатив дека можеме да го трансформираме романот во драмска форма и така влеговме во проектот, кој беше многу инспиративен. Со Микиќ се познаваме многу долго и лесно се поврзавме, знаевме точно што сакаме да постигнеме. Процесот на подготовки траеше еден месец и, да бидам искрен, не бев свесен дека успеавме да направиме хит-претстава, која, еве, ја доживеа и 50. јубилејна изведба“, вели актерот и режисер Јордан Симонов.

Напишана на скопски сленг, книгата нуди нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем за иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и читлив, ведар и духовит начин. Новите „печалбари“ се академски музичари што разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – експерти за гипс-картон. Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите, зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада. Публиката ја препозна приказната што сите ја носиме во себе – за заминувањето, за копнежот, за дилемата меѓу тука и таму.

ИЗДВОЕНИ