За да им овозможи подобра и поефикасна информираност на граѓаните за услугите, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ изработи нов веб-сајт. Тој е достапен на адресата https://skopjebus.mk/.
Од ЈСП информираат дека клучни предности на новиот веб-сајт се: модерниот, адаптивен дизајн, оптимизација за мобилни телефони, таблети и десктоп компјутери – за одлично корисничко искуство, без разлика од каде пристапувате. Потоа, интуитивна навигација, односно јасна и едноставна структура која овозможува брз пристап до сите информации со само неколку клика, пристап до клучни информации, со тоа што најважните содржини и известувања од ЈСП сега се полесно достапни за сите корисници. Воедно, подобрени перформанси и брзина, поточно, веб – страницата е значително побрза, што значи пократко време на вчитување и поголема ефикасност во секојдневната употреба, кориснички ориентирана содржина, односно ажурирани текстови, визуелни елементи и повици за акција прилагодени на потребите на современите посетители.
– Веб-сајтот е изработен во тријазична верзија, достапен е на македонски, албански и англиски јазик, овозможувајќи инклузивен пристап и подобра информираност за сите граѓани и гости на градот – нагласуваат од ЈСП.
Воедно, од претпријатието информираат дека и годинава ќе овозможат полесен пристап на посетителите на 37 „Меѓународен саем на книгата“ кој ќе се одржува во СЦ „Борис Трајковски“. За таа цел, од утре до 14.5.2025 година (среда), во редовниот линиски превоз ќе бидат вклучени линиите „100“ и „200“, едната ќе поаѓа од Ново Лисиче, а другата од Дексион.
Билетите за нивно користење ќе чинат согласно со ценовникот за користење на јавен превоз.