Град Скопје ќе им додели субвенции на јавните претпријатија за 2026 година. Од нив, најголем дел од колачот наменет за таа цел од градскиот буџет, како и вообичаено, ќе добие јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП).
Вкупната сума субвенции за ова претпријатие изнесува 664 милиони денари.
Од нив, за обезбедување на карти за возрасни лица – бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети 200.000.000 денари, со цел подобрување на квалитетот на јавниот превоз, за тешкотии во работењето, 400.000.000 денари, за функционирање на АЛВ и систем за интелигентна наплата 60.000.000 денари и за поставување на натстрешници на автобуски стојалишта 4.000.000 денари.
Согласно со препораките на Меѓународната асоцијација за патен транспорт (ИРУ), како и Меѓународната асоцијација за јавен транспорт (УИТП), Советот на Град Скопје уште во 2008 година започна да го субвенционира Јавното сообраќајно претпријатие.
За тешкотии во работењето, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ од Град Скопје за 2026 година ќе добие субвенции во износ од 20 милиони денари.
Како што се наведува во образложението на одлуката за доделување субвенции, тие на ова претпријатие му се даваат за да придонесат за извесна негова материјална консолидација, бидејќи тоа се наоѓа во незавидна економска состојба.
Јавното претпријатие „Дрисла“, пак, за наредната 2026 година од Град Скопје ќе добие субвенции во износ од 10 милиони денари, исто така наменети за тешкотии во работењето.
– Бидејќи јавното претпријатие не ги остварило своите приходи во 2025 година, со оваа одлука предвидена е субвенција од 10 милиони денари. Средствата за оваа намена ќе се обезбедат од Буџетот на Град Скопје за 2026 година, преку ставката наменета за тешкотии во работењето, од причина што јавното претпријатие се наоѓа во незавидна економска состојба, па согласно на тоа, овие средства ќе придонесат за извесна материјална консолидација на јавното претпријатие – се наведува во образложението на одлуката за субвенционирање на ова јавно претпријатие
За одлуките за доделување субвенции на овие јавни претпријатија, градските советници треба да се изјаснат на наредната седница што ќе се одржи в четврток.
(А. П.)












