На веб-страницата на „Номагас“ АД Скопје пак стои известување дека поради планирани ремонтни работи на регионалните гасоводни системи во соседството, во периодот од 13.10.2025 година до 17.10.2025 година ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија
По прекинот на испораката на нафта за автобусите на ЈСП „Скопје“ од страна на снабдувачот „Пуцко петрол“ поради долг, по што состојбата се нормализира, сега е во прекин снабдувањето со природен гас.
ЈСП добилo известување од снабдувачот „Номагас“ за прекин во испораката на природен гас до 17 октомври 2025 година. Од ЈСП известуваат дека тоа може да предизвика редуцирање на некои автобуски линии, особено на оние што го користат гасот како гориво.
– Се предупредуваат корисниците на јавниот превоз да бидат подготвени за доцнење и за променлив возен ред – велат од ЈСП.
Оттаму најавуваат дека ќе ги информираат граѓаните навремено доколку се појават дополнителни промени во возниот ред.
На веб-страницата на „Номагас“ АД Скопје, пак, стои известување дека поради планирани ремонтни работи на регионалните гасоводни системи во соседството, во периодот од 13.10.2025 година до 17.10.2025 година ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија.
– За ваквиот прекин, „Номагас“ АД Скопје навремено го достави потребното известување до сите засегнати страни – се наведува во известувањето на компанијата.
Притоа, додаваат дека во рамките на расположливите можности ќе ги преземат сите неопходни мерки за соодветно да се постапи, согласно со соопштението од Регулаторната комисија за енергетика од 30.9.2025 година.
– Доколку бидеме информирани за евентуални промени околу времетраењето на прекинот, јавноста ќе биде навремено известена преку ново известување – соопштуваат од „Номагас“.
Напоменуваат да се има предвид дека за ваквата состојба придонесува тоа што нашата држава има само еден влез за природен гас, преку единствениот интерконектор кај Деве Баир.
Во насока на надминување на ваквото ограничување, од „Номагас“ АД Скопје велат дека интензивно работат на реализација на уште едно интерконективно поврзување, односно интерконекторот со Грција, чија изградба е започната во јуни.
– Овој интерконектор е значаен од повеќе аспекти, а е особено значаен од аспект на конкретната состојба: со неговата изградба, ќе има втор влез за природен гас и ќе се овозможи да има резервна достапност на природен гас, во случај на прекини поради вакви ремонтни работи – потенцираат од компанијата.
Оттаму велат дека известувањето од ЈСП Скопје за можно отстапување и за евентуални промени во возниот ред на 17.10.2025 година треба да се земе со резерва.
– Едната причина е фактот што ремонтните работи и прекинот се од 13.10.2025 година до 17.10.2025 година и претходниве три дена, со денес – четири дена, факт е дека ЈСП „Скопје“ немало проблем во функционирањето, а се проблематизира на 17.10.2025 година, кога треба да се стабилизира испораката на природен гас – појаснуваат од „Номагас“.
Информираат и дека ЈСП Скопје веќе речиси една година, од 1.12.2025 година, не е нивни директен корисник преку станицата што се наоѓа на нивна територија.
Притоа додаваат дека доколку постои друга причина за можно отстапување и за евентуални промени во возниот ред, не е коректно да се посочува на сензитивна тема како што е градскиот превоз во Скопје.
(А. П.)