– Според сведоштва на студентите, на шалтерите на ЈСП им било кажано дека немаат право на бесплатен билет бидејќи немаат „доволно запишани предмети“, иако не е јавно објавен ваков услов, ниту е содржан во некоја позната одлука или правилник – реагираат од „Студентарија“.
Оттаму додаваат дека истовремено, други студенти, исто така редовни и на прв циклус на студии, без проблем ги продолжиле своите билети, што, според нив, отвора сериозно прашање за нееднаква и произволна примена на иста мерка од страна на јавното претпријатие на Град Скопје. Од „Студентарија“ сметаат дека недостигот на транспарентност и јасни критериуми создава несигурност, конфузија и чувство на неправда кај студентите, особено кај оние што се во завршна фаза од студиите и секојдневно го користат јавниот превоз. Велат дека доколку ЈСП не излезе со јасно и јавно појаснување, ќе разгледаат други форми на реакција и институционално дејствување
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) одбива да им ги продолжи билетите за бесплатен јавен превоз на дел од редовните студенти на додипломски студии, иако тие формално имаат статус на редовни студенти и се запишани во редовната академска година.
До студентската платформа „Студентарија“ во изминатиот период пристигнале бројни пораки и реакции од студенти на државните факултети во Скопје, кои се жалеле дека биле одбиени на шалтерите на ЈСП за продолжување на билетот, со образложение дека имаат останато само еден или два предмети за полагање или само дипломски труд.
– Според сведоштва на студентите, на шалтерите на ЈСП им било кажано дека немаат право на бесплатен билет бидејќи немаат „доволно запишани предмети“, иако не е јавно објавен ваков услов, ниту е содржан во некоја позната одлука или правилник – реагираат од „Студентарија“.
Оттаму додаваат дека истовремено, други студенти, исто така редовни и на прв циклус на студии, без проблем ги продолжиле своите билети, што, според нив, отвора сериозно прашање за нееднаква и произволна примена на иста мерка од страна на јавното претпријатие на Град Скопје.
Од „Студентарија“ нагласуваат дека ЈСП ја спроведува оваа практика со години наназад, но дека досега минала без поширока јавна реакција и без јавно преиспитување.
Тие додаваат дека извршиле увид и ги разгледале достапните програми, одлуки и јавни информации поврзани со бесплатниот студентски превоз, вклучително и документи на Град Скопје и информации објавени од ЈСП, но не нашле основ со кој формално се оправдува ваквата практика на ова јавно претпријатие.
– Не постои јасен и јавно достапен документ со кој се утврдува минимален број предмети како услов за бесплатен превоз или исклучување на студентите во завршна фаза од студиите. Дипломскиот труд за студентите е обврска во рамките на додипломските студии, се запишува и се евидентира од факултетот и подразбира активен студентски статус. Студент со дипломски труд не е „веќе завршен студент“, туку студент во завршна фаза – тврдат од студентската платформата „Студентарија“.
Тие нагласуваат дека оттука се наметнува прашањето според кои конкретни правила или интерни акти ЈСП одбива да ги продолжи студентските билети за бесплатен превоз во случаи кога студентот има запишано семестар со само еден предмет, два предмети или дипломски труд. Исто така, дали запишувањето еден предмет или дипломски труд значи дека студентот го загубил статусот на редовен студент од аспект на критериумите што ги применува ЈСП? Дали овие правила се утврдени од ЈСП или произлегуваат од друг надлежен орган (министерство, Град Скопје, универзитети и сл.)? Дали ЈСП со години применува практика што резултира со нееднаков и потенцијално дискриминаторски третман на дел од редовните студенти, врз основа на критериуми што не се јасно утврдени, ниту јавно објавени?
Од „Студентарија“ упатиле официјални прашања до ЈСП, со цел да добијат појаснување, но до овој момент не добиле одговор, ниту јавно појаснување. Тие сметаат дека недостигот на транспарентност и јасни критериуми создава несигурност, конфузија и чувство на неправда кај студентите, особено кај оние што се во завршна фаза од студиите и секојдневно го користат јавниот превоз.
Притоа, наведуваат дека доколку не излезе ЈСП со јасно и јавно појаснување, ќе разгледаат други форми на реакција и институционално дејствување, со цел да се обезбеди еднаков третман и да ѝ се стави крај на практиката, како што велат, што се применува со години наназад, без никаква логика и без транспарентност.
(А. П.)












