Владата, поточно Министерството за транспорт, сè  уште не го распишува новиот тендер за набавка на 120 електрични еколошки автобуси, откако пропадна првиот, а кој беше распишан на 17 јуни годинава, поради тоа што компанијата, која се јавила на него, не ги исполнувала наведените критериуми. Од Владата велат дека надлежните институции во моментов ги разгледуваат сите можни опции. Континуирано и активно работиме на реализација на сите ветени проекти за граѓаните, за што навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста – кусо одговорија од Владата, без да прецизираат кога ќе биде распишан новиот тендер и кога скопјани конечно ќе ги добијат ветените автобуси

 

Владата, поточно Министерството за транспорт, сè уште не го распишува новиот тендер за набавка на 120 електрични еколошки автобуси, откако пропадна првиот, а кој беше распишан на 17 јуни годинава, поради тоа што компанијата која се јавила на него, не ги исполнувала наведените критериуми. Од Владата велат дека надлежните институции во моментов ги разгледуваат сите можни опции.

– Континуирано и активно работиме на реализација на сите ветени проекти за граѓаните, за што навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста – кусо одговорија од Владата, без да прецизираат кога ќе биде распишан новиот тендер и кога скопјани конечно ќе ги добијат ветените автобуси.

Според ова, се чини дека автобусите нема да стигнат ни до март, иако скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, по преземањето на функцијата истакна дека до март наредната година ќе пристигнат  80 електрични еколошки автобуси.

Со тоа, состојбата во јавниот градски превоз, практично останува речиси непроменета, освен тоа што во сообраќај се пуштени дваесетина од ветените 55 половни автобуси за приватните превозници и плус 20 за наредната година, кои, колку-толку, помагаат да се подобри редовноста. За останатите, сè уште се чекаат документите, за да можат да бидат регистрирани. Нивното пуштање во сообраќај беше помпезно најавено на деветти овој месец. Возилата, пак, на ЈСП се стари и истрошени.

Според првиот тендер, требаше да се набават 120 електрични автобуси со капацитет за 8 + 1 патници, со маса поголема од пет тони.  Освен тоа, заедно со автобусите се предвидуваше да се набават и 60 станици за полнење на електричните автобуси со моќност од најмалку 150 КW. Проценетата вредност на набавката без ДДВ изнесуваше 2.345.338.983 денари.

Купувањето на автобусите и на станиците за полнење требаше да биде со одложено плаќање.

Премиерот Христијан Мицкоски ја најави набавката на електричните автобуси пред една година, од Белград, на Македонската вечер во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“. Тогаш тој рече дека тие ќе бидат распределени не само во Скопје за ЈСП туку и за оние општини каде што има организиран јавен градски превоз по пропорцијата 80:40 или можеби 70:70 и дека со тоа драматично ќе се олесни и јавниот превоз во Скопје, но и во другите општини. Во однос на техничките спецификации, рече дека времетраењето на полнењето на автобусите ќе биде околу два и пол часа, што ќе биде доволно за да сообраќаат 350 и 400 километри на дневно ниво. Во однос на условите на плаќање, тој напомена дека автобусите и станиците за полнење ќе почнат да се отплаќаат во првата половина од 2028 година, на осум полугодишни рати, што ќе е во период од четири години или грејс-период од три години.

По распишувањето на тендерот, министерот за транспорт, Александар Николоски, појасни дека било предвидено на два автобуса да има најмалку една станица за полнење. Како што рече од 120, се очекува 80 да бидат наменети за градскиот превоз во главниот град, а останатите 40 да им бидат поделени на општините што имаат јавен превоз.

– Се надевам дека на тој начин ќе помогнеме не само граѓаните побрзо и поефикасно да стигнуваат во рамки на општините во кои живеат туку и за заштита на животната средина, зашто се работи за целосно електрични автобуси кои треба да намалат голем дел од загадувањето – нагласи Николоски.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави и дека ќе се имплементира проектот за брз автобуски превоз, но со одредени измени, односно со продолжување на трасите, а кој на крајот на својот мандат го промовираше поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Проектот е вреден 70 милиони евра кои за таа намена ги даде ЕБОР. Но, за да се реализира, потребно да помине одреден период. 

Засега, освен шесте еколошки автобуси на компримиран природен гас, кои Град Скопје ги доби како донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, а му беа предадени на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, остануваат недоволниот број дотраени возила со кои тоа располага, како и половните автобуси за приватните превозници.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ