Советниците од Левица поднесоа до Советот на Град Скопје иницијатива за намалување на цените на услугите на јавните паркиралишта и јавни површини наменети за паркирање на ЈП „Градски паркинг“ за 50 проценти.
Градските советници треба да се изјаснат за оваа иницијатива на седницата што ќе се одржи в среда.
Како причината за ваквото барање советниците од Левица го наведуваат тоа што врз основа на финансиските извештаи што ги доставуваат јавните претпријатија до Советот на Град Скопје, било видливо оти ЈП „Градски паркинг“ секоја година акумулира добивка.
– Минатата година, ова јавно претпријатие има акумулирано добивка од 35 милиони денари. Врз основа на овој факт, јасно е дека ЈП „Градски паркинг“ наплатило повеќе средства од граѓаните отколку што реално му се потребни за да ги намири своите обврски. Бидејќи јавните претпријатија не се основаат со цел, да извршуваат јавна дејност во интерес на граѓаните, сметаме дека има простор ова јавно претпријатие да ги намали цените на услугите што ги дава за 50 проценти – се наведува во образложението на иницијативата.
Притоа, се додава дека со тоа не би било доведено во прашање работењето на ова јавно претпријатие, а со намалувањето на цените на услугите, паркирањето ќе биде достапно за сите граѓани, особено за оние граѓани со помали примања.
(А. П.)