Скратувањето на работното време е неизбежна иднина и неизбежна дебата што ќе следува и во Македонија, токму поради дигитализацијата и вештачката интелигенцијата, укажува универзитетскиот професор Лазар Јовевски откако во компанија во државава првпат е воведена четиридневна работна недела како пилот-проект.
Јовевски вели дека „дигитализацијата и вештачката интелигенција значат губење работни места“ и оти скратувањето на работното време е дел од сценариото за превенција од големо отпуштање од работа. Укажува дека работодавецот е тој што го организира работното време и дека треба да се спроведуваат таквите постапка постепено и не во сите сектори, бидејќи во некои не е изводливо.
– Ако ги гледате европските земји, токму поради имплементацијата на работните места и воведувањето дигитална економија во рамките на производството, се генерира вишок работна сила. И затоа прв чекор кон социјален мир е намалување на работното време – рече Јовевски.
Тој вели дека Законот за работни односи во државава дава убава можност со која работната седмица може да изнесува најмалку четири, а најмногу шест работни дена.
Коментирајќи го првото воведување четиридневна работна недела во компанија во државава, посочи дека со работа од по осум часа дневно, вкупно ќе се работи 32 часа неделно. Тоа, вели, е под стандардот што го пропишува ЗРО, што не е забрането, може да функционира и така. Саатницата ќе биде повисока ако се задржи истата плата.
– Суштината на нашиот трудово-правен систем е дека работодавецот е тој што го организира работното време. Никој во Македонија нема обврска да работи шест или пет часа. Може да работат и четири часа ако решат така. Моќта за решавање во овој случај не е кај работниците, не е кај синдикатот, ниту е кај Владата – кај оние што креираат политики, туку е буквално кај работодавците, особено во бизнис-секторот – рече Јовевски.
Во јавниот сектор, како што рече, нема специјални одредби што се однесуваат директно на работното време. Исто така, во овој случај се применува Законот за работни односи за вработените во јавниот сектор и тука може да се применуваат, да се модифицираат флексибилни форми и начини на распоредување и прераспоредување на работното време.
Јовевски, кој уште пред неколку години во научен труд предложил да се намали работното време во јавниот сектор во петок или во среда за два часа, истакнува дека клучен момент е колку ќе се задржи продуктивноста, која во државава е под европскиот просек.
Убаво е, вели, да бидеме просперитетна Македонија со достоинствени плати, убаво е и да се споредуваме, но тоа не е секогаш добро затоа што имаме наши објективни параметри и култура.
– Треба да видиме што се случува со продуктивноста, односно непродуктивноста во јавниот сектор. Со секоја чест на исклучоците, има административни службеници што работат не за еден туку за повеќемина. Треба да се види тој дел, дали политизацијата, дали превработеноста, дали некои други фактори влијаат на ниската продуктивност и незадоволството што доаѓаат до граѓаните – вели Јовевски, посочувајќи дека радикалниот рез за „сечење“, можеби, е најбрзо, но не е наједноставно решение поради социјалното влијание.
Според Јовевски, моментот дека ќе се работи помалку, а ќе се зема иста плата мотивира и дава ветер во едрата за да се работи повредно.
– Има бизниси или јавни сектори каде што е возможно ова, но некаде ќе биде предизвик ако се стави во закон. Доколку се спроведува ваков проект во јавниот сектор, треба да се оди чекор по чекор со намалување на саатницата за да се проба и да се види дали ќе се зголеми продуктивноста. Просекот на ефективно работно време е помеѓу пет-шест работни часа – укажува професор Јовевски.
Посочува и дека истовремено и менаџментот треба да работи на едукација, себеизградување и воспоставување повисоки стандарди во однос на тоа како треба да се организира работата.












