четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН „Јовано, Јованке“ е  осмомартовски подарок  за сите дами во Македонија – новосадскиот...

„Јовано, Јованке“ е  осмомартовски подарок  за сите дами во Македонија – новосадскиот женски состав, „Фрајле“, со изненадување за своите обожавател(к)и

124

– Тоа е наша забавномузичка обработка на добро познатата македонска народна песна. Добро ја научивме оваа прекрасна песна полна со емоции и добро ни оди пеењето на македонски јазик. Иако доаѓаме од брегот на синиот Дунав, во песната се споменува реката Вардар, што, исто така, ни предизвикува позитивни музички вибрации – вели шармантната Нена, девојката со гитара, за весникот ВЕЧЕР

Да не постојат, би требало да ги измислиме. Така вели, пред сè, публиката од Вардар до Триглав, а потоа и естрадните новинари за девојките од новосадскиот бенд „Фрајле“. Веќе 17 години, тоа што го очекуваме, и го добиваме од нив, од Јелена, Невена, Наташа, пред тоа и од Марија, која го напушти составот пред некое време. По нејзините стапки деновиве тргна и Наташа Михајловиќ, која ќе продолжи со солистичка кариера. На нејзиното место наскоро ќе дојде друга девојка, по име Славица (Љујиќ), која е и пејачка и актерка, позната од телевизиските серии „Игра судбине“ и „Ургентни центар“. Секако дека обожавателите не се претерано воодушевени поради оваа нагла промена, ги разбираме, но сестрите Јелена и Невена (Буча) ветуваат дека „Фрајле“ ќе продолжат да ги развеселуваат своите многубројни обожаватели со истото темпо.Кога велиме обожаватели, тоа подразбира и обожаватели во Македонија. Овие харизматични новосаѓанки кај нас имаат цела една армија. Секој нивни концерт од Скопје, Битола, Штип, Дојран, Гевгелија, па сè до Охрид, Струга, Кичево, Гостивар е приказна за себе. Впрочем, и оној последниот што го имаа во Македонската филхармонија беше исклучителен и сè уште со Наташа Михајловиќ. Девојките тогаш направија одлична тричасовна забава за паметење. Публиката беше расположена до максимум. Ги испеаја не само своите песни („Ich Liebe Dich“, „Фина, ја нисам тако фина“, „Штиклице“, „Моје душе, душа“, „Животе, крени“, „Три метера сомота“, „Босонога“, „Моје вино“, „Горим“, „Тамбураши“…) туку и неколку преработки на најпопуларните некогашни југословенски шлагерски хитови, во нови аранжмани. Како, на пример, песните од репертоарот на Оливер Драгојевиќ „Мени требаш ти“, „Имала је лепу рупицу на бради“, на Ѓорѓе Балашевиќ „Девојка са чардаш ногама“, но и од нашиот Тоше „Во коси да ти спијам“, која ја испеаја оправдано и на бис, со сите присутни.Меѓутоа, новосадските девојки ни носат вистинско освежување со својата автентично нова, забавномузичка обработка на добро познатата македонска народна песна „Јовано, Јованке…. крај  Вардарот седиш, мори, бело платно белиш, бело платно белиш, душо, сè нагоре гледаш…“ со вистинска експлозија од емоции.  – Добро ја научивме оваа прекрасна песна полна со емоции и добро ни оди пеењето на македонски јазик. Така обработена на наш начин, таа легендарна македонска песна одлично се вклопува со утрешниот празник на дамите, 8 Март.  „Јовано, Јованке“ им ја подаруваме на сите дами во Македонија, наши верни обожавателки. Веруваме сто отсто дека ќе слават со песната. Песната е сама за себе едно големо уживање. Веруваме дека не постои Македонец што не ја знае. Како што уживаме и ние додека ја пееме, иако доаѓаме од брегот на синиот Дунав, во песната се споменува реката Вардар, што, исто така, ни предизвикува позитивни музички вибрации – вели Нена за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, „Фрајле“ пред некој ден имаа многу успешен концерт во Загреб, во преполната концертна сала „Ватрослав Лисински“. Тогаш добија ексклузивно признание од издавачката куќа „Кроација рекордс“ (поранешен „Југотон“) за „исклучителниот придонес во музичката уметност со регионална дискографија“. На 16 март, девојките ќе настапат во белградскиот „Сава центар“, на хуманитарен концерт насловен „За ангелите“, на кој ќе пеат и некои македонски песни што им лежат на душа. Оваа пролет, нивната турнеја ќе продолжи, што подразбира дека наскоро македонската публиката ќе има можност да ги слушне и во новиот состав, со Славица наместо Наташа. Со онаа иста страст кон музиката. Сè додека им чука срцето и сè додека ја пеат на настапите и својата омилена македонска „Чукни во дрво, чукни трипати“, тие знаат дека се на вистинскиот естраден пат.

Дуле МИЌИЌ (фото:архива-ФБ)

 

 

ИЗДВОЕНИ