Добитници на државната награда „8 Септември“, со која се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во спортот за 2025 година, се Јошко Миленковски, Хамид Бакија, Зоран Николовски, Виктор Тевчев и Кирил Манев.
Имено, во една година може да се доделат најмногу до пет награди, од кои една награда е за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на државата. Токму таа награда му припадна на Јошко Миленковски, кој е награден за неговиот исклучителен придонес во развојот на спортот, како и за афирмацијата и промоцијата на државата на меѓународен план.
Миленкоски е истакнат македонски одбојкар, долгогодишен одбојкарски тренер, актуелен селектор на македонската одбојкарска репрезентација и тренер.
- Мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Вложив многу труд и љубов, нагласи Миленкоски.
Признанија за значајни спортски остварувања добија и Хамид Бакија, Зоран Николовски, Виктор Тевчев и Кирил Манев – спортисти, тренери и спортски работници кои оставиле силен белег во македонскиот спорт.
Но, голем скандал предизвика наградата на Хамид Бакија, кој решил самиот себеси да си ја додели плакета, бидејќи бил член во комисијата, пишува ДУИ.
- Сакаме да ја алармираме јавноста за еден невиден скандал кој го загрозува не само интегритетот на државните награди „8 Септември“ туку и духот на граѓанска еднаквост гарантиран со Охридскиот договор. Ова е највисоката државна награда во спортот, големо признание што треба да претставува правичност, меритократија и почит за сите наши спортисти. Но, што гледаме денес? Комисијата, формирана со потпис на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е составена од 11 Македонци и само 1 Албанец. И, за иронија на судбината, единствениот Албанец, Хамид Бакија, наместо да предложи еден албански спортист, решил наградата да си ја додели самиот на себеси. Ова не е само судир на интереси, ова е срам и чиста неправда! Апсурдна и навредлива ситуација за албанските спортисти кои со децении придонесуваат со труд и успеси во спортот на Северна Македонија, но остануваат исклучени од државно признание и почит. Нашата порака е јасна: Спортот треба да обединува, а не да дели. Спортот треба да гради мостови, а не етнички бариери, велат од ДУИ.
Наградите ги доделува Одборот за државната награда „8 Септември“, кој традиционално ја организира оваа манифестација во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста.